КОЛУМНА Богојески: Суден по вербален деликт

Суден по вербален деликт

пишува Петар Богојески, национален лидер на политичка партија Македонски Концепт️

Кога го правам оној список на кој ќе најдат свое место настани, случувања и процеси кои, на одреден начин, довеле или придонесле за демократизацијата на некогашната СФРЈ (значи, и на СР Македонија) на него на исклучително високо место го ставам изгонувањето на вербалниот деликт (фамозниот член 133) од Кривичниот закон на Југославија.

И за тој предвесник на демократската пролет, секако заслужен е уважениот професор и врвен кривичар Ѓорѓи Марјановиќ, кој со години наназад и со Сизифовски напор се бореше (и се избори) за суспендирање на недостојниот член од Законот.

Да, во законот денес нема да го видите вербалниот деликт, но секојдневието ќе ви покаже дека тој не побегнал од практиката, или просто кажано, од животот. Како да речеме, во мојот случај. И тоа е уште еден во низата мои гревови – мојата каприциозност, моето немирење со обидите на моќниците и силниците да ми ја заробат мислата, да ме онемат и да ми го стават зборот в затвор.

Беше далечната 1997 година, стекнав искуство со вербален деликт, како средношколец со веќе изградени политички ставови. Од центарот на Крушево дадов изјава за МРТВ, во која навестив крај на транзициската мафија која го уништи нашето образование. Тоа беше деликтот поради кој бев ставен на список за „стрелање“.

„Големците“ од малото гратче, поитаа да ми дадат прекоманда, од една гимназија во друга, од еден град во друг, за „да ми дојде памет“! Секако памет ми дојде, нивната желба не успеа, моите убедувања останаа исти! Зашто мојата борба започна со идеја за Македонија, а не со идеја за фотелја. А кога не бараш фотелја, немаат со што да те купат!

Ако во 2003 година направев бегство во молкот, ако бев само слика без тон и не ги искажев своите политички ставови и убедувања, спротивни на полит-олигархијата, сигурен сум нема да бев избркан од работа од ЈП за Стопанисување со станбен и деловен простор, каде, навистина, Судот ме врати, но кај мене не исчезна уверувањето дека вербалниот деликт, живо вирее во нашата „демократска“ држава.

Секако младоста и жарот во мене, тогаш сторија низа вербални деликти, но смртниот грев беше моето политичко убедување, од кое не сакав да се одречам по никоја цена, ниту по цена на глад и страдање. Достојно ја напуштив „фотелјата во ПУИГ“, но не се одреков од моите убедувања! Најважно, од тоа не понесов гнев во себе, туку разум кај себе.

Ни за миг немав дилема во 2008 година дека високата позиција што ја имав во Царинската управа – началник – е немерлива со вистината, па оттука по само три месеци доброволно се откажав од неа, си дадов отказ, зашто, напросто, не прифаќав селективно казнување на компании и граѓани за сторени царински прекршоци, според партиски и криминален клуч.

Дали поради мојата глаголивост, гласна и бескомпромисна, уплашени и стуткани во својата аргументација без аргументи, не ми даваа да си заминам, што се разбира, не ме поколеба и по истекот на еден месец отказен рок, вратите на Царината останаа затворени зад мене, или поинаку кажано, доброволно останав без работа и се откажав од високата позиција.

Фотелјата е убава, ама кога ја користиш во интерес на народот. Кога забележуваш дека зад твојата фотелја се сокриваат банди, нивната неспособност ја покриваат со твојата удобност, тогаш откажи се од сето тоа, стави ги лебарките на сонце. Така сторив, а да се вратам во таа 2008, повторно истото ќе го направам.

Годината е 2009 и јас сум во АМС на местото државен советник за капитални инвестиции, позиција респектабилна и значајна (стекната преку оглас), но ете, барам преместување во друга служба. Мазохизам? Не, причината е моето несогласување/одбивање на потпишам Анекс на договор во износ од милиони евра за фудбалски терени, за кој нема никаков основ.

За потписот нудеа брда и долини. Високи позиции и поудобни фотелји. Пробаа со уцени и закани. Создадоа и документи во МВРО на Гоца Брк. А јас? Ах, јас донесов одлука. Не ги потпишав спорните акти и доброволно заминав од АМС, горд на себе и своите принципи и со непоматено сознание дека на мојот народ и на Република Македонија им заштитив милиони евра народни пари.

Побарав само спокојно повлекување, надвор од големите игри. Останав верен на идеалот да служам на народот. Во 2010 година сум во Министерството за одбрана на Република Македонија како државен советник за недвижности и правни работи. И тука почнува мојата долгогодишна битка со организирани групи, кои повеќе ги милуваа корупцијата и криминалот отколку државата и нејзините граѓани.

Противници ми се моќните тогашни министри Коњановски, Џафери, Јолевски и, нормално, Шеќеринска, кои ќе признаете, се „тешка артилерија“, но тоа сознание, сепак не ме спречи да продолжам со борбата. Да служам на народот.

Да, некој можеби ваквото мое однесување ќе го нарече храброст, некој пак лудост, но јас го каталогизирам во списокот каде се ситуирале честа, достоинството и вистинољубивоста. Вербалниот деликт е оружјето што ќе го исползуваат овие недостоинствени силници.

Дамокловиот меч паѓа врз мојата глава, во 2020 година пристигна и отказното решение. Не разбираат, па тоа е смешно за човек кој сам на себе си дал пет откази. Пукаат со ќор фишеци. Сепак докажаа дека „членот 133 е мртов, да живее вербалниот деликт“.

Но сепак, ме теши помислата, што за своите политички убедувања и активизам не се сетија да ме судат според членот 148 (од стариот Кривичен закон на СФРЈ), член кој ја третира непријателската пропаганда. Секако продолжуваме на суд! Непријателите на Македонија има да ги решиме!

Безмалку дваест години го следам патот на почитуваниот професор Ѓорѓи Марјановиќ и силно му се спротивставувам на вербалниот деликт кој вирее во многу битни сегменти на системот, што само по себе го проблематизира прашањето за остварените процеси на демократизацијата во неговите институции и сериозно ја доведува под прашалник синтагмата – демократска држава.

Но, јас верувам во Македонија како демократска држава, држава каде слободно, без разлика се допаѓало тоа некому или не, ќе веат и широко ќе се распостелат мислата и зборот, та затоа и останувам на тој пат. До конечното погребување на вербалниот деликт.