ФЕЉТОН: Албански етнички шовинизам, лажни основи – Дел петти

Албански етнички шовинизам, лажни основи – Дел петти

Овој фељтон е статија со популарено – научен и општествено – политички карактер, напишана живо и реалистично од Петар Богојески, национален лидер на политичка партија Македонски Концепт️.

Шовинизмот базиран на етнички основи, чиј и да е, и од каде и да доаѓа, се злоупотребува во политички цели на штета на соживотот на македонските граѓани од различно етничко потекло.

Повеќе од смешна е тезата на албанските шовинисти дека Дасаретите се илирски племиња, а со тоа дека териториите на западна Македонија се илирски, а не македонски. Во продолжение, што дополнително говори науката.

Во четвртиот дел од овој фељтон ви говорев за најсеверозападното македонско племе Енгеланите, кои биле во отворен судир со Илирите. Со текот на времето моќта и славата на Енгеланите, очигледно се намалила и почнало да преовладува името Дасарети. Со оглед на фактот дека ниту во наративните ниту во археолошките извори нема индиции за некаква миграција, јасно е дека во римско време се наметнало името Дасарети за истото македонско население.

На сликата – карта со местоположба на племињата во западна Македонија и Албанија (преземена од научните трудови на проф. Д-р. Наде Проева).

Некои автори, меѓу кои В. Соколовска, мислат и тврдат дека Дасаретите се доселиле во Охридско – струшкиот регион во IV век п.н.е. затоа што од тоа време има малку наоди, (В. Соколовска, Прилог кон проучувањето на западна Македонија во раната антика, Културно наследство, бр, 16, Скопје, 1989, (1993) стр. 10).

Истото го презема и В. Битракова – Грозданова, (Материјалните докази и миграциите во охридско – преспанскиот регион во антиката, Жива Антика, 45, Скопје 1995, p. 53 – 58) но набргу потоа пишува за континуитет на градот Лихнид во Дасаретија (Топографија и урбан развој на Лихнид, Историја, XXII, Скопје, 1986, 249–265 = Le dévelopement urbain de Lychnidos et ces rapports avec les villes du sud – ouest des Balkans, Index, 20, Napoli, 1992, 13 – 14.)

Но, како што пишува Н. Проева, тоа е неприфатливо, зашто е методолошки погрешно поставено. Имено, доказ за смена на населението не е немање на наоди, туку напротив: нов и различен начин на погребување, на архитектура, материјална култура, итн. Во случајов со Енгеланите и Дасаретите во културата има континуитет. Тоа јасно се гледа од наодите на некрополата во с. Требеништа (крај на VII до IV/III век п.н.е.), каде што се најдени четири златни погребни маски што треба да им се припише на Енгеланите. (N. Proeva, The Engelanes/Encheleis and the golden mask from the Trebenište culture, Homage to Milutin Garašanin, Belgrade, 2006, pp.561- 570.)

Дека немало никаква миграција се гледа од наодите, иако засега малубројни но значајни керамички наоди: фрагмент сликана керамика (кратер) – IV век п.н.е. од комплексот Св. Еразмо (В. Маленко и П. Кузман, Хермелеа, Лихнид бр. 6, Охрид, 1988, T. VI, 2, 2a, 2b.) како и од керамичките наоди од сондите покрај северниот ѕид на Охридската тврдина (ископувања 1996 год.) исто така од IV век п.н.е.

За жал, реткоста на наодите во IV от век п.н.е. е резултат на малубројните археолошки ископувања на охридското подрачје, со исклучок на градското подрачје на Охрид што лежи врз античкиот Lychnidos, па слоевите од IV век п.н.е. во голема мера се уништени.

Очигледно е дека Дасаретида е име на областа населена со сродни племиња (Енгелани, Пенести, Дасарети и др.) во римско време наречена со името на најмоќното племе, во случајов Дасарети. Од натписите и монетите најдени во Охрид се гледа дека уредувањето во римско време било исто како во горномакедонските области.

Досега се најдени натписи, (IG X. II, 2, no 357, 360, 362, 368, 369, 370, 371, 375.)  и се поставени од дасаретскиот којнон (заедница).  Имено вакви заедници (koina), не се посведочени кај вистинските Илири во изворите наречени Iliri Ilyrii proprie dicti. Тоа зборува за целосно различното не само културолошко, туку и државно – општествено организирање кај македонските и илирските племиња.

Само кај македонските Дасарети се ковани монети, при што досега се најдени четири примероци. Едната монета е вонгробен наод откриена далечната 1978 год. со ископувањата на некрополата во Дебој, но монета била идентификувана многу подоцна, при чистењето на севкупниот материјал за да биде обработен во магистерска теза. (Дебој, животот, во Лихнид во античко време, магистерска тема одбранета 2013 год. на Филозофскиот  факултет во Скопје од П. Арџанлиев)

Трите монети се најдени 2008 год. на лок. Плаошник. Едниот тип на аверсот има глава на Амон Ѕевс со рогови, а на реверсот натпис ΔΑΣΣΑ / ΡΗΤΙΩΝ испишан над и под крилеста молна прикажана во дабов венец. Другиот тип е со ист реверс, а на аверсот има глава на Херакле (Д. Размоска- Бачевска, Монетоковањето во Охрид (Lychnidos, II вњк пр.н.е –    XIII-XVII век, Охрид, 2016). Според типот монетите се датираат во III/II век п.н.е. после монетарната реформа на Филип V со која на областите во кралството им било одобрено ковање монети.

Имињата на помалите локални племиња во Дасаретија им ги должиме на римските автори, кои многу подобро од хеленските ја знаеле состојбата во внатрешноста на Балканот. Едно од нив е племето Пенести при што Т. Ливиј на нивната територија споменува 13 градови (polismata). (T. Liv., XLIII, 18. 5.)

Добро е што современиците, автентичните автори од антиката, ги демантираат денешните албански квази историчари, кои голем дел од овие македонски градови ги нарекуваат илирски.

Градот Hyskana прв го споменува Полибиј (Pol., VIII, fr. 14, оваа книга е зачувана во делови; Steph. Byz., s.v. Yskana.) во врска со илирската кампања на Филип V во 213 год. п.н.е. кога бил заземен Lissos, и биле покорени илирските племиња. Тит Ливиј Uscana ја нарекува најголем град (T. Liv., XLIII, 18,5.) на граница на државата на Персеј (Uscana oppidum finum imperiique Persei erat), (T. Liv., XLIII, 10. 1: “…. Uscana opidum finium imperrrque Persei erat.”- Ускана  била град на границата на државата на Персеј), а не во Илирија како што се толкува од албанските шовинисти.

Steph Byz, s.v. Hiskana, повикувајќи се на изгубената VIII книга на Полибиј, известува за илирската окупација на градот и областа Дасаретија, но тоа се однесува на време кога Илирите војувале со Македонците (од крајот на III век п.н.е.) и успевале времено да ја заземат областа.

Т. Ливиј на двапати одделно ги споменува Илирите и Усканците кои му се предале на (Liv., XLIII, 18, 10.), а тој (Персеј) ги продавал илирските заробеници во Styberra. (T. Liv., XLIII, 19, 2.).

Понатаму Т. Ливиј пишува дека најкусиот пат за илирската држава водел од Styberra преку пенестинската земја во Македонија, (T.Liv., XLIII,  19–20.) што покажува дека Пенестите не ги вбројува во Илири. Ако се потсетиме дека Македонците најдоцна 170 год. п.н.е. опустошиле еден дел од Илирија (Polyb., XXVIII, 8, 1–5 – eremos Illyris); за да ги спречат нападите на Дарданците (денешно Косово и Метохија) во Илирија и Македонија, (T.Liv., XLIII,  20, 1 – Illyrici solitudines), тогаш е јасно дека Uscana, што Персеј ја одзел од Римјаните, не била опустошена, што значи дека се наоѓала на македонска територија.

Тоа уште појасно е кажано во врска со враќањето на Персеј кај македонските Пенести, кој по преминување на нивната земја (et transitus ea) преку Oeneum што се наоѓал во пенестинската земја, пристигнал кај Лабеатите (est in Labeates) од подрачјето на Скадарското езеро до внатрешноста на Црна Гора, каде што владеел Гентиј (ubi Genthius regnabat). (Tit. Liv., XLIII, 19, 3.)

Притоа Персеј го зазел т.е ослободил градчето Ојнеj (Oaeneum) што од една страна било заштитено со р. Artatus, а од другата со висока планина, а се наоѓало на патот за Лабеатите. (T. Liv. XLIII, 19, 7–9.) Тоа е на албанската страна од денешната Шар планина на македонско-илирско-дарданското тромеѓе (помеѓу Дрим и Шара) што во римско време ќе биде граница меѓу провинциите Македонија, Дарданија и Далмација.

Со оглед на местоположбата на Лабеатите (областа на Скадарското езеро), некои автори градот Oeneum го лоцираат кај Гостивар или Тетово. Тоа пред се српските автори како Н. Вулић кој го лоцира кај Тетово, а реката ја идентификува со Вардар (Вулић, Ратовање македонског краља Персеја с Римљанима у нашој земљи 170 и 169 год. пре Хр., Глас СКА, 160, Београд, 1934, стр, 38), што е неприфатливо зашто, како што пишува Н. Проева, таква грешка за името на најголемата македонска река не е веројатна.

Хамонд (N. Hamond, op. сit., p. 44) р. Artatus ја идентификува со Треска што тече предалку на исток и од Тетово и од Гостивар, а Б. Јосифовска со Радика (В. Josifovska, Tabula imperii romani, Ljubljana 1976, p. 18), премногу на запад и од Тетово и од Гостивар. Ако Oeneum било кај Гостивар тогаш реката Artatus треба да е некоја притока на р. Вардар, а ако е Тетово тогаш тоа треба да е р. Пена.

Полибиј пак запишал дека двајцата пратеници (Македонецот Адај од Бероја и Илирот Плеурат) испратени од Персеј кај Гентиј со мака минале низ овие (опустошени) области за да стигнат во Скадар. (Polyb., XXVIII, 8.)

Од ова може да се заклучи дека опустошената област била по течението на р. Дрим, од каде Дарданците можеле да навлезат и во Илирија и во Македонија, со кои војувале. И Страбон пишува дека пловниот дел на реката Drillon –Дрим (создаден со соединување на Црн со Бел Дрим) била источна граница на Илирите со Македонија. (Strabo, VII, 5 (316).)

Од овој дел на фељтонот, се надевам станува многу појасно кој народ е автохтон на територијата на западна Македонија, а кој никогаш во антиката или среден век не бил присутен тука.

Продолжува…