Македонија е нашата судбина, последен момент е да си ја вратиме гордоста – Гордана Силјановска Давкова се сретна со кавадарчани

Малку народи можат да се пофалат дека се дел од светите книги, а Македонците и Македонија се дел од Библијата. Македонија е нашата судбина, порача вечерва на предизборниот митинг во Кавадарци кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.

Според Силјановска доаѓа критичен момент кога граѓаните ќе треба да си одговорат дали се горди на актуелните владетели, претседателот, премиерот, спикерот. Според неа Македонците се доведени до ѕидот на срамот.

,,Последен момент е да сториме нешто за да си ја вратиме гордоста а имаме многу работи од Илинден и АСНОМ досега кои можат да не прават горди”, порача Силјановска Давкова од Кавадарци.

„Треба да заминат не затоа што јас сакам да бидам претседателка туку затоа што нашиот претседател не го брани националниот интерес, не ги претставува државните интереси на Македонија, не се спротивставува кога греши владата туку е послушен и не размислува со своја глава. Претседателот треба да биде умен, да го сака својот народ”, порачува Силјановска.

Според неа претседателите мора да персонифицираат единство, а ние никогаш не сме биле поразединети. Претседателите не смеат да кажуваат пред странски лидери тоа што моќните сакаат да чујат туку тоа што е став на народот.

,,Секогаш ми биле идоли Делчев и Прличев затоа што преземале одговорност во тешки моменти”, порачува Силјановска и вели дека сите имаме обврска да и помогнеме на Македонија повторно да биде горда.

„Еден ден ќе не прашаат децата каде бевте, што сторивте, како дозволивте една толку горда земја да се срами да каже дека нејзиниот народ е меѓу најсиромашните, најуплашените, вели Силјановска Давкова која порачува дека политичарите за гордоста можат да учат од граѓаните а граѓаните не треба да веруваат на зборови туку само на дела.