Силјановска Давкова: Говорот на омраза не им доликува, за мене возраста значи мудрост, знаење, искуство

Говорот на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, ама не доликува воопшто на социјалдемократска партија, рече професорката Гордана Силјановска Давкова во своето обраќање пред граѓаните на Прилеп кои и дадоа силна поддршка во нејината кандидатура за претседателка на Македонија.

-Тоа е говор на некоја крајна десница што се служи со патријархалност и парохијалност, а така гледа на жените и на возрасните. За мене возраста значи мудрост, знаење, искуство. Не плашете се за мене, јас сум сосема во ред, и психички, и физички. Орна сум за дебата, ама нема кандидати за дебата. Само најавуваат, ама никако да се појават пред одговорни новинари, рече Силјановска Давкова.

Претседателот, додаде професорката мора, пред која било важна одлука за Македонија прво да дојде во парламентот, да се договори со опозицијата, со сите коалициони партнери, претходно со Владата.

-Само така ќе се однесува државнички. Истото го мислам за нашата надворешна политика. Не се прославивме со амбасадори. Претседателот, да, ги назначува, но тој нема тука дискреционо право оние кои лидерот на партијата, или оние од партијата ќе му ги предложат да ги испрати надвор, дури и без да го праша Собранието. Моите предлози за амбасадори ќе бидат врзани за оние кои не само што го исполнуваат просекот, туку се над него, рече Силјановска Давкова.

Мора, додаде професорката, да има народни канцеларии преку кои претседателот ќе ги слушне проблемите на граѓаните и нивните сугестии. Претседателот има важна обврска и во креирањето на независното судство преку Судскиот совет. Околу претседателот мора да има совет за млади.

-Состојбата во која се наоѓаме е далеку од европска, далеку од европските стандарди. Нема владеење на правото, туку има владеење на една мала група луѓе. Власта е концентрирана не само во неколкумина, туку само во Владата. Ако нема креирани политики, нема да има и реализирани програми. И затоа стигна оценката од Фридам хаус која вели „цикличен хибриден режим кој се врти во круг. Ни се случува зависно, политизирано и партизирано судство, ни се случува Уставен суд што не ги штити уставот и законите. Имаме слаби институции, а пресилни поединци. Мора да дојдат одговорни луѓе. Ако ме прашате што можам да направам јас, ќе ви кажам – она што не го направи претседателот, рече Силјановска Давкова.