Николоски до Ахмети: Кога сте фатени во криминал се повикувате на УЧК, во Македонија нема да има нити беља, нити конфликт, туку одење во затвор

На митингот во Прилеп, носителот на листата за четвртата изборна единица на коалицијата Твоја Македонија, Александар Николоски ги искоментира нервозните пораки кои ги изнесе лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од митингот во Скопје.
Според Николоски настапот на Ахмети има зад себе две пораки, една скриена, а втората отворена.

„Али Ахмети одржа митинг на скопскиот плоштад Македонија, пред споменикот на Александар Македонски, на тој начин сакајќи да покаже кој е газда во Македонија. Митингот на Ахмети само го демонстрираше тоа што ние го кажуваме цело време, а тоа дека газда на Македонија е Али Ахмети и дека СДСМ му дозволува да газдува со Македонија. Во ист ден имаа митинг, СДСМ отиде пред Рамстор, овие отидоа на плоштад.

Втората работа ја слушнавте сите, тоа беа заканите упатени кон нашиот претседател, Христијан Мицкоски. Тие закани се акт на нервоза, но и закани кои многу кажуваат за структурата на Али Ахмети. Секогаш кога ќе ги фатите со криминал се повикуваат на УЧК. Секогаш кога ќе ги фатите за корупција повикуваат на војна. Секогаш кога ќе им кажете дека ќе одговараат велат дека ќе се случела беља. Да им порачам од овде ова не е 2001, ова е 2024, прво. Второ, ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ не е исто како тоа од 2001 година и ние нити ви се плашиме, нити ќе ви попуштиме, нити ќе седнеме на иста маса со вас да преговараме, камо ли да се договориме“, потенцираше Николоски.

На крајот Николоски порача дека ќе има одговорност од прв до последен за целиот криминал  кој е направен и во Македонија нема да има нити беља, нити конфликт, туку ќе има само редовно одење во затвор.