ПОБЕДУВАМЕ СО НАД 170.000 ГЛАСОВИ, НАРОДЕ НА МАКЕДОНИЈА ВИ БЛАГОДАРАМ!

Денеска народот покажа дека си ја сака Македонија. Ветив дека ќе победиме со најмалку 100 000 гласови разлика, победуваеме со повеќе од 170 000 гласови. Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција, ова е жолт картон за власта, а црвениот мора да следи, порача вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во седиштето на партијата по првичните резултати од првиот круг за претседателските избори, кои се во корист на нивната кандидатка Гордана Силјановска Давкова. 

-Ветував многу работи и сите работи се случија. Ме напаѓаа, ме напаѓаа и од внатре, ми се закануваа, се обидуваа да не делат, да ја делат Македонија, народот. Користеа структури од минатото на ВМРО-ДПМНЕ, но ние издржавме затоа што верувавме и затоа што вие бевте со нас, ви благодарам од срце народе на Македонија, рече Мицкоски.

„Среќен сум, додаде Мицкоски, што народот на Македонија веруваше во нас, народе на Македонија ви благодарам. Голема благодарност до оваа дама до мене професорката Гордана Силјановска Давкова. Ја напаѓаа, ја навредуваа, но таа издржа и храбро се бореше. Ве молам огромен аплауз! Докажа дека верува и е горда и ќе ја направи Македонија повторно горда. Професорке заедно ќе успееме! Овие гласови се одговорност но и револт кон Пендаровски“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека ова е голема победа за македонскиот народ и за граѓаните во Македонија, и пораката е јасна и единствена, дека Македонија не се плаши и се враќа во рацете на народот.

-Целиот народ, ние заедно со вас наспроти стотина трговци од ДУИ и СДСМ кои се причина за целото страдање, сиромаштија и криминал во Македонија. Македонија е на нозе, нашата сила сте вие народот, граѓаните на Македонија. Македонија денес покажа дека е посилна од криминалот и корупцијата и дека народот е определен, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека резултатите кои ги постигнале оставаат простор за задоволство, но рече, работата не е завршена.

– Имаме огормна и историска победа на многу избирачки места и бројките покажуваат дека оваа власт паѓа. Ова е најдобриот резултат што ВМРО-ДПМНЕ го имала од позиција на опозиција. Над 600 000 луѓе гласаа против власта…Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавства, сите нивни понижувања кои ги прават посебно изминативе денови. Ова е револуција, револуција на народот на Македонија. Но работата не е завршена, а власта не е ни малку наивна. Првиот круг од изборите е жолтиот картон, а тој свети, конечниот црвениот мора да следи на 8 мај каде потребен е убедлив резултат – јасна победа над оваа криминална и корумпирана власт, рече Мицкоски.