Советот за човекови права расправа за состојбата во Македонија

Грција повика да се подобри имплементацијата на меѓународните договори. Ваков коментар имаше денеска грчкиот претставник, упатен до Македонија, од „Палатата на нациите“ во Женева, за време на прегледот на состојбата со човековите права во земјава, од работната група на Обединетите Нации.

– Ги препознаваме напорите за зајакнување на владеење на правото во земјата, како и усвојувањето на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027 година и усвојување на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030та. Воедно сакаме да истакнеме дека има простор за понатамошно подобрување, особено во полето на зајакнувањето на независноста на судството и во спроведувањето на меѓународните договори. – изјави претставник на Грција.

Зајакнување на правото, борба против корупција, загриженост и препораки за ефективни мерки беа дел од излагањата на земјите членки на Советот. Германската претставничка порача дека Берлин е загрижен за недоволните заштитни мерки против дискриминација на правата на граѓаните, додека пак претставникот на Холандија порача дека се загрижени за новиот закон за медиуми, кој според нив ќе предизвика клиентелизам во земјава.

– Германија и понатаму е загрижена поради недоволните заштитни мерки против дискриминација и прекршување на правата на граѓаните. Затоа Германија препорачува да се преземат ефективни мерки за усогласување на условите во притворот и другите затворени објекти со меѓународните стандарди, особено во однос на пренатрупаноста на затворите и пристапот до здравствена заштита и зајакнување на напорите за ресоцијализација. – изјави Претставник на Германија.

Од македонска страна на почетокот на сесијата во Женева, имаше долго излагање од страна на директорот за мултилатерални односи во МНР, амбасадорот Џундев.

– Државната комисија за спречување на корупцијата е проактивна во постапувањето со случаите на непотизам, кронизам и политичко влијание во процесот на регрутирање вработени во јавниот сектор и во именување членови на надзорни изивршни одбори. Нов закон за спречување на корупција и судир на интереси, закон за слободен пристап до информации од јавен карактер и закон за лобирање се усвоени. – ијави Џундев.

Македонија е една од 14-те држави што се разгледуваат од работната група. Документите на кои се засноваат прегледите се: Национален извештај од државата, потоа – информации содржани во извештаите на независните експерти на ОН и групи за човекови права и информации обезбедени од други засегнати страни.

Претходните ревизии на состојбата со човековите права во Македонија, се одржаа во 2009 година, 2014 година и 2019 година.