НА ГРУБИ ЌЕ МУ ТРЕБА ВИРТУОЗЕН АДВОКАТ Тошковски одговараше на пратенички прашања

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, одговори на пратеничко прашање за бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби, изјавувајќи дека се надева дека Груби ќе се појави пред правдата и ќе докаже дека е „чист како солза”.

Тошковски истакна дека, според доказите што ги имаат, нема да му биде лесно да го докаже тоа.

Тој додаде дека не станува збор за тоа дали, туку кога Груби ќе се соочи со правдата.

Посочи дека изјавата на Груби дека е на „приватен или службен пат“ не го убеди, и дека се уште се надева дека ќе покаже одговорност и ќе се врати за да ги демантира обвиненијата.

„Постојат индиции за епски криминали. Ќе му треба виртуозен адвокат за да се одбрани“, изјави Тошковски.

Тој потсети дека за Груби е распишана меѓународна потерница и дека се води комуникација со соседните држави за да се обезбеди неговото екстрадирање и процесуирање во Македонија.

– Лицето кое го именувавте, факт е дека е недостапно на органите на прогонот. Во недела во раните утрински часови, предметното лице ја напушти Македонија со возило со дипломатски таблици, тој е совозач, седи напред со лицето што вози. Полицискиот службеник од гранична полиција прави кардинална грешка, наместо да констатира дека тој е на стоп-листата, истиот, вознемирен или возбуден од политичката големина на лицето што ја напушта Македонија или од луксузот на возилото, без да ја спроведе стандардната процедура и да констатира дека овој е на стоп-листата, го пушта да излезе непречено. Кога полицаецот констатира дека за него има стоп-листа, лицето веќе е во Косово. Тоа е утврдено со видео запис од камерите што снимаат 24 часа на граница – рече министерот Тошковски

Тој рече дека внатрешната контрола во полицијата, согласно со сите докази, констатирала дека граничниот полицаец сторил кривично дело, несовесно работење во службата или злоупотреба на службените овластувања.

– Внатрешна контрола достави кривична пријава против него во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Се истражува дали е сторена ненамерна грешка или ова се случило со умисла. Обезбедени се мобилни телефони и други докази и ЈО води темелна истрага. Ќе расветлиме дали е организирано бегство или се работи за ненамерна грешка на полициски службеник – рече Тошковски.

Во врска со боди-камерите, кои граничните полицајци ги носат на себе, министерот рече дека добар дел од нив не работеле 4 години.

– Раководителот на граничниот премин е казнет од внатрешна контрола затоа што не обезбедил снимање со боди-камерите на полицајците. Тој не е казнет за бегството на посоченото лице, затоа што нема причинско-последична врска помеѓу бегството и неговата немарност во делот на менување на батериите на боди-камерите. Засега само за едно лице е утврдена вина – рече Тошковски.

Од аспект на обвинувањата дека предметното лице е пуштено во договор со ВМРО-ДПМНЕ, „ми текнува на една негова изјава дека од денеска се едно со СДСМ“, додаде Тошкоски.

– Не велеше дека се едно со ВМРО-ДПМНЕ. Отако го снема, говореше дека е чист како солза и дека ќе се врати, па, го повикувам да покаже чесност кон државата што го хранела 40 и повеќе години и да се врати, ќе има правичен процес против него. Нека им покаже на граѓаните Македонци, Албанци, Турци и другите дека не го хранеле за џабе, оти тие го полнеле буџетот, а тој душмански го крадел својот народ. Ако не се врати доброволно и покаже доблест дека си ги сака народот и државата, ќе најдеме соодветен начин да го обезбедме – рече Тошковски.

По одлука на судија на преходна постапка, додаде министерот, распишана е меѓународна потерница за Груби.

– Фактото дека тој е на црната листа на САД, само дополнитено го поткрепува дејствието што го преземавме како МВР. Секој има прааво да ја докаже својата невиност во законита постапка и државата е должна тоа да го обезбеди. Но, бегањето од одговорност е синоним за вина, бегањето од сочување со органите на прогон за граѓаните е признание на вина – рече Тошковски

Loading