Молк, огромна тага, солзи и ѕвездено небо направено од вклучените светилки на мобилните телефони вперени кон ѕвездите. Овие зборови накусо ја опишуваат атмосферата на плоштадот „Македонија“, каде денес се собраа илјадници граѓани, предводени од студенти, во знак на почит за 59-те трагично загинати во катастрофалниот пожар во дискотеката на смртта во Кочани.
Со светлината од телефоните, како ѕвездено небо што тивко трепери во ноќта, Скопје застана во 16-минутен молк. Плоштадот беше преполн со луѓе што без зборови, но со солзи во очите, им оддадоа последна почит на жртвите.
Овој достојниствен собир, организиран од платформата „Кој е следен“, помина без политички пораки, со повик на почитување на правилата и сочувство кон семејствата на загинатите.
Според проценките, околу 10.000 граѓани беа присутни, обединети во болката и тишината што кажува повеќе од илјада зборови.
Главниот град вечерва светеше во чест на младите животи што згаснаа прерано.
![]()

