САД започнаа директни преговори со Русите и Украинците: Мора да бидеме сигурни дека Русите се согласуваат со ова

САД интензивно преговараат со Русија и Украина во обид да го финализираат новиот мировен план за ставање крај на војната, јавуваат американски и меѓународни медиуми. Американскиот министер за копнена војска, Дан Дрискол, синоќа пристигнал во Абу Даби, каде започнал средби со украинскиот разузнавачки врв и руска делегација.

Според американски функционер и извори упатени во процесот, Дрискол веќе синоќа имал првични разговори со руските претставници, а преговорите продолжуваат и денес. Тој треба да оствари средба и со Кирило Буданов, шеф на украинската воена разузнавачка служба (ГУР), познат по водењето на најсложените украински операции од почетокот на војната.

Напредок во Женева, нов предлог со 19 точки
Средбата во Обединетите Арапски Емирати следи по викенд-преговорите во Женева, каде што американската и украинската делегација постигнаа напредок и од почетниот контроверзен план од 28 точки произлезе нов предлог – скратен на 19 точки и, како што се наведува, „значително поповолен за Киев“.

Првиот предлог на администрацијата на Доналд Трамп предвидуваше признание на руската контрола врз Крим, Донецк и Луганск, формирање демилитаризирани зони и низа геополитички отстапки кои предизвикаа остра реакција во Европа и делови од американскиот Конгрес. Најчувствителните точки сега се оставени како прашања што треба да ги договорат двајцата претседатели – Трамп и Зеленски.

Loading