🚨НОВИ ДЕТАЛИ: „Вистината“ за Пулс што никој не ја очекуваше

На вчерашното рочиште за трагедијата во кочанскиот објект „Пулс“, во која загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, одбраната на обвинетите изнесе низа нови тврдења со кои се оспорува обвинителниот акт. Адвокатите на поранешните министри, директори и службеници посочија дека обвинението нема реална причинско-последична врска со нивните клиенти, тврдејќи дека вистинската причина за трагедијата лежи во нелегалната пиротехника и недозволеното работење на објектот.

Одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши истакна дека на ниту една лиценца за работа на „Пулс“ нема негов потпис, туку исклучиво факсимил, кој – според нив – бил користен и во периоди кога тој бил надвор од државата. Притоа беше нагласено дека Министерството за економија нема надлежност за инспекциски надзор, со што, како што тврдат адвокатите, се руши основата на обвинението за тешки дела против општата сигурност.

Слични аргументи понудија и бранителите на поранешниот министер Ваљон Сараќини, во чиј мандат е издадена првата лиценца. Тие потсетија дека измените на законите од 2008 година, познати како „регулаторна гилотина“, овозможиле поедноставена постапка и регистрација на угостителски објекти врз основа на изјава на барателот, без претходна целосна проверка од институциите. Првото барање за лиценца било одбиено бидејќи инспектор утврдил дека објектот не е готов, но по еден месец друг инспектор констатирал дека условите се исполнети.

Адвокатите на обвинетиот службеник Џеваир Камбери, единствениот кој покрај обвинението за тешки дела против општата сигурност се товари и за примање поткуп, тврдат дека оспорените суми всушност биле банкарски позајмици, а не корупциски трансакции.

Одбраната на поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување истакна дека институцијата воопшто не била информирана за објектот „Пулс“ и не можела да изврши вонреден инспекциски надзор без формална пријава. Според нив, ниту еден директор не може да биде одговорен ако сопственик на приватен објект не поставил уреди за противпожарна заштита.

Заедничка точка на сите одбранбени тимови беше тврдењето дека трагедијата е резултат на „локални и инцидентни дејствија“ – употребата на пиротехника од страна на музичкиот бенд и фактот што објектот работел без лиценца за 2024 и 2025 година. На рочиштето присуствуваа и дел од родителите на загинатите, кои овој пат не дадоа изјави за медиумите.

Loading