На вчерашното рочиште во судот за трагедијата во клубот „Пулс“, каде загинаа 63 лица, одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши изнесе низа нови тврдења што ја предизвикаа јавноста. Адвокатите истакнаа дека лиценците за работа на клубот биле потпишувани со факсимил, и дека министерот немал никаква надлежност за инспекциски надзор над објектот.
Тие посочија дека трагедијата не може да се поврзе со дејствата на Бектеши, туку е резултат на нелегална пиротехника и недозволено работење на објектот. Слични аргументи беа изнесени и за други обвинети, вклучувајќи службеници и директори на Дирекцијата за заштита и спасување, кои според одбраната немале информации и надлежности за надзор.
Одбраната ја нагласи и улогата на регулаторната гилотина од 2008 година, која овозможила поедноставени процедури за издавање на лиценци и самодекларација на барателите, без целосна проверка од институциите. Адвокатите инсистираат дека обвинителниот акт нема реална причинско-последична врска помеѓу функционерите и трагичниот пожар во Пулс.
![]()

