Тест-периодот на проектот „Безбеден град“ покажува охрабрувачки резултати, со значително намалување на сообраќајните несреќи и поодговорно однесување на возачите во Скопје. Ова го изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, нагласувајќи дека системот веќе има позитивно влијание врз безбедноста во сообраќајот.
Според Тошковски, по воведувањето на системот, забележливо е намалување на брзината на движење, како и пад на бројот на сообраќајни незгоди, особено на оние со тешки телесни повреди и смртни последици. Тој истакна дека почитувањето на ограничувањата на брзината е клучен фактор за спасување животи.
Министерот потсети дека и меѓународните статистики укажуваат на директна поврзаност меѓу брзината и сериозноста на повредите во сообраќајни незгоди, додавајќи дека намалувањето на брзината драстично ги зголемува шансите за преживување при сообраќајна несреќа.
Во однос на реакциите и забелешките од граѓаните, Тошковски информира дека сите проблеми или евентуални неправилности поврзани со функционирањето на системот „Безбеден град“, кој е во тест-фаза до 1 февруари, ќе можат да се пријавуваат преку посебен пункт во управните служби на МВР, како и преку нова интернет-платформа што дополнително ќе биде воспоставена.
Во подготовка е и мобилна апликација, преку која граѓаните ќе можат брзо и едноставно да пријавуваат технички пропусти и нелогичности, со цел системот да биде целосно функционален и транспарентен.
![]()

