Венко Филипче најави финале на внатрепартиските промени – оставките ќе се констатираат, а новите имиња остануваат тајна до вторник. Што се крие зад најавената „нова сила“ во СДСМ?
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека во вторник официјално ќе биде обелоденето новото раководство на партијата, со што ќе се заокружи процесот на целосна консолидација и кадровско освежување. Во гостување на телевизија Сител, Филипче ги демантираше шпекулациите дека е осамен во партиското седиште на Бихаќка, потенцирајќи дека се гради „нова сила“ составена од комбинација на искусни и млади кадри.
Според него, промените влегуваат во финална фаза. Оставките сè уште формално не се констатирани, но тоа ќе се случи на седницата закажана за вторник, кога ќе бидат избрани и новите потпретседатели, како и новите членови на Извршниот одбор.
Филипче потврди дека списокот со нови соработници е веќе подготвен, но ќе остане во тајност до официјалното соопштување. Тој нагласи дека во СДСМ постои политичка зрелост и одговорност и дека актуелните функционери ќе продолжат да придонесуваат за партијата и без формални функции.
![]()

