Пишува: Блаже Аризанов
УНИВЕРЗИТЕТОТ КАКО ФАБРИКА ЗА РЕВОЛУЦИОНЕРНИ КАДРИ
Eдна од најтрагичните жртви на прогресивниот егалитаризам последниве стотина години е универзитетот. Институцијата која денес се сведе на кариерен тренинг но и на продукција на револуционерни кадри порано ја имаше централната улога да продуцира слободни граѓани.
Како дојдовме до оваа тажна состојба? Како денешниот универзитет стана тажна сенка на она што некогаш беше, каде ораторски вечери Иво Пухан се бават со идеолошка агитација и активизам наместо со култивација на граѓани? Накратко кажано, универзитетот повеќе не смета дека образованието има одреден телос. Речи го спротивното и половина од професорите нема да те разберат што им кажуваш, а останатата половина ќе те прогласи како еретик. Во своите рани Просветителски денови, Западното либерално образование беше експлицитно телеолошко. Да речеш дека образованието поседува телос значи дека образованието е ориентирано кон одредена визија за човекова реализација: концепција околу тоа што сочинува добар живот, добра душа и добра лубов. Образованието не беше фокусирано на кариерен тренинг туку на формација на личност и карактер. Се фокусираше на високи прашања од типот: каква личност треба да стане студентот? Кои негови страсти треба да бидат воздигнати, потиснати или трансформирани? Телосот во образованието се провлекува ширум целата Западна класична мисла, од Платон кој сметаше дека душата има природен копнеж кон доброто и високото, Аристотел кој сметаше дека целта на образованието и политичкиот живот е морален процут
(eudaimonia), средновековното Христијанство и Тома Аквински кои нé учат на сублимација на страстите, и секако Просветителството каде еден од најдобриoт како што го нарекувам прирачник за образование доаѓа од брилијантниот Жан Жак Русо. Речиси целиот негов роман Emile (кој е неправедно игнориран од денешниот интелектуален конзервативизам како романтичарско бладање) е посветен на темата добро образование.
Централниот дел во елаборацијата на либералното образование на Русо е токму ерос, кој што ја опфаќа не само голата сексуална страст туку и сите чемери на човековата душа, копнежот, лубопитноста, амбицијата, нејзината потреба за философија, за високи нешта. Токму еросот е енергијата што го овозможува и поттикнува учењето. Без ерос, учењето станува механичко, формално. Жан Жак Русо беше јасен – студентот не смее да биде учен на резон односно рационалност пред да настапи неговиот ерос односно пред да набабрат страстите, кои се вистинскиот мотор на учењето. Доколку денес би станал од гроб и би видел како во Скандинавија на пример училиштата ги учат децата на “вредности” како што се емпатија би бил скандализиран бидејќи студентот не смее да биде учен на вредности пред да настапи ерос односно копнежот. Eрос доаѓа пред рационалноста. Образованието формира страсти, страстите се горивото за образование. Никаква форма на морално образование не треба да биде дозволена врз студентот пред да се активира и насочи неговиот ерос. Во Emile, Русо ја потенцира феноменалната обзервација дека човекот не се раѓа слободен туку треба да биде научен како да биде слободен. За таа цел страстите мора да бидат одложени, заштитени од корупција и бавно насочени кон нешта кои се вистински вредни, пред да општеството го окупира и корумпира еросот на младиот студент. Затоа учителот не е неутрален посредник туку своевиден куратор, водич кој знае дека она што студентите почнуваат да го сакаат го дефинира типот на личност која ќе станат. Доколку предмет на страстите се безвредни објекти, слична судбина ќе го снајде и карактерот. Eрос, оставен сам на себе не води кон вистина или кон слобода, туку се атачира кон она што е најблиску, најгласно или она кое носи најмногу социјални награди. За жал модерното образование, после подемот на Прогресивизмот и утилитаризмот на почетокот од 20тиот век го елиминира таквото телеолошко разбирање на образованието. Наместо тоа инсистира дека универзитетот не треба да им сугерира на студентите за што е вредно да живеат, туку само да им овозможи алатки за било каква крајна цел која самиот студент би ја избрал. Ова беше огромна грешка. Дури и кога не го осознаваме телосот, не значи дека не постои, дека не престанува да обликува души. Кога универзитетот абдицира од одговорноста да артикулира конкретна визија за човеков процут, истовремено одбива и одговорност за тоа како страстите на младиот студент се обликуваат. Или поинаку кажано еросот не исчезнува – туку мигрира, се атачира кон кариеризам, консумеризам, идеолошки идентитет, или пак се преточува во гола политичка страст односно политизација.
Вакуумот што го ослободи елиминацијата на телос во образованието наскоро бидна пополнет со нешто друго, бидејќи ниту еден вакуум не трае долго. Она што го замени телосот беше таканаречената социјална правда која влезе во Западните универзитети во 60тите. Како таква, нуди своја верзија на морална личност, идеален дипломец и хиерархија на вредности. Односно продуцира значење, интензитет, и чувство за праведност, нешта кои се особено атрактивни за млади луѓе во кои набабрува еросот. Социјалната правда (social justice) фигурира како евтина, субоптимална замена за
телосот. Социјалната правда ја сведува целокупната потрага по вистина, на ниво на конкретна моралност, несогласувањата ги третира како своевидна повреда односно насилство. Еросот на студентот го канализира во индигнација и идентитет наместо кон потрага и восхит. Ваквиот сурогат телос се атачира кон морално позерство и политичка афилијација уште пред студентот биде изложен на философија, историја, односно на
Големата Дебата.
Контрастот меѓу Просветителското либерално образование и денешното Прогресивно односно утилитарно образование е очигледен. Либералниот универзитет е фокусиран на формирање на расудување пред превземање акција. Тргнува од начелото дека мудрата потрага по правдата и по добриот живот бара долготрајна подготовка на душата. Прогресивното образование ја свртува таа логика наопаку. Инсистира на морална позиција без философска формација, на акција пред контемплација. Затоа несогласувањата во денешниот универзитет честопати се окарактеризирани не како погрешни туку како неморални, а дебатирањето се сфаќа премногу лично, како што ни покажува подемот на Woke движење кај левицата и десницата кое во суштина е уште морализаторско движење. Во отсуство на телос, модерниот универзитет си ја редефинира својата мисија како
продукција на отвореност, односно толеранција кај студентот. Отвореноста повеќе не се третира како интелектуална доблест туку како своевидна морална дестинација. Да бидеш образуван во денешен контекст значи да биден непосветен кон ниту една догма, неврзан, бескрајно критичен, и отпорен кон затварање. Затоа познатиот C.S. Chesterton напиша: “Целта на отворениот ум како и на отворената уста е евентуално да го затвориш со нешто цврсто.” Но во случајот на денешниот универзитет, отвореноста е култивирана како морална цел сама за себе, го кани студентот на перманентна отвореност. Перманентната отвореност води кон нихилизам бидејќи повеќе не постојат нешта кои се повисоки од други нешта нешта со кои вреди да го затвориме умот.
Модерниот универзитет го учи студентот да ја разглоби, деконструира, осуди традицијата, нормите, наративите, но притоа не му кажува како, во отсуство на овие рамки, да одбрани било каква визија или концепт за доброто. Сé што останува е само сомнежот, воздигнат како врховен светоглед и вредност. Оваа состојба продуцира специфичен архетип на човек кој го нарекувам перманентниот револуционер, да го парафразирам Троцки. Архетип кој денешните професори и секуларни интелектуалци го обожаваат. Универзитетот во кој отсуствува телос се сведе на продукција на субверзивни кадри кои се единствено добри во негација и кои го критикуваат не било кој вредносен систем туку и самиот концепт на верување. Овие
студенти се мотивирани од морално крстоноштво, но притоа се изгладнети од философска подлога. Излегуваат од универзитетот не како култивирани души изложени на големите прашања туку како вредносни релативисти. Нема добро, нема лошо, сé е океј, битно е само сите да сме отворени.
Бидејќи позитивниот телос повеќе не е дозволен политиката станува примарниот издувен вентил за еросот на студентот. Студентот се политизира уште во клупите, политиката станува замена за философијата, активизмот станува замена за контемплацијата, агитацијата станува доказ за супериорност на личноста. Затоа младите станаа таков корисен материјал за подемот на тоталитарните движења во Европа во 20тиот век.
Наместо професорот да им помогне да воспостават хиерархија во своите страсти, да го канализира нивниот ерос кон вистинскиот тип на потрага, кон Големите Прашања, во негово отсуство тоа го стори харизматичниот политички демагог, кој наместо хиерархија им порача на младите да ги пуштат своите страсти слободно да дивеат. Душата на студентот сеуште далеку од оформена беше извадена од универзитетот и инсталирана во
пет-годишниот план на диктаторот. Незаузданиот ерос на студентите е причината зошто ширум Македонија спомениците на паднати “борци” содржат имиња на луѓе ретко постари од триесет години.
Демократијата во 21 век е од опасност најмногу од оние кои се декларираат себеси како отворени и толерантни. Професори-активисти повеќе не обликуваат слободни души, способни за доброто, убавото, вистинитото, чии што страсти се хиерархиски подредени. Наместо граѓани продуцираат нихилисти кои не поседуваат никаква визија за добро, кои имаат да понудат само морална индигнација и негација на сé што било пред нив. Овие
промотори на отвореност и антидогматизам треба да се потсетат дека демократијата и човековите права не се неутрален концепт, дека не се родија и паднаа од ведро небо туку почиваат врз конкретна морална рамка. Демократијата има претполитички предуслови (карактер, доблести, воздржаност) кои се јавија бидејќи одредена морална традиција односно догма инсистирала на овие предуслови.
![]()

