Организаторот на протестот за поддршка на поранешните команданти на косовската УЧК, Хисни Гуцати, јавно му се заблагодари на чаирскиот градоначалник и владин партнер Изет Меџити, тврдејќи дека токму тој гарантирал слободно и непречено поминување на ветераните на УЧК преку косовско-македонската граница.
Според Гуцати, во денот на протестот немало детални гранични контроли и движењето било „мирно и без задржувања“, што тој го оцени како „најголем успех“. Тој изјави дека лично бил известен од Меџити дека границата ќе биде отворена за сите кои ќе дојдат на протестот во Скопје.
Протестот се одржа на плоштадот „Скендербег“ и беше организиран како поддршка за поранешни команданти на УЧК на кои им се суди во Хаг за воени злосторства од периодот 1998–1999 година. Претходно, организаторите јавно стравуваа од можни приведувања на граница, бидејќи дел од поранешните команданти се барани со српски потерници.
Во своите настапи, Гуцати упати и остри обвинувања дека судењата против поранешните лидери на УЧК се резултат на политичко влијание од Србија и Русија, спомнувајќи го и Дик Марти.
Изјавите отворија сериозни прашања за улогата на домашни политички функционери, функционирањето на граничните служби и почитувањето на меѓународните обврски на државата. Институциите засега не се огласија по овие тврдења.
![]()

