Само еден ден по изборот на новото раководство на СДСМ, поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, реши дека празничната атмосфера е идеална за тешки прашања и уште потешки пораки. Преку саркастична и алузивна Фејсбук-објава, Шилегов јавно побара оставка од лидерот на партијата, Венко Филипче.
Во објавата, исполнета со метафори, правни паралели и политички навестувања, Шилегов прашува дали одговорноста е „тешка“, дали „договорот тежи“ или, пак, дали СДСМ полека се претвора во нешто сосема друго. Со најава дека „прашањата ќе ги поставиме по празниците“, тој остава впечаток дека ова е само вовед во подлабок внатрепартиски судир.
По бројни реакции и телефонски повици, Шилегов дополнително појасни дека нема простор за двосмисленост – тој директно бара оставка од „претседателот“ на СДСМ.
Сето ова доаѓа веднаш по седницата на Централниот одбор на која беше избрано новото раководство на партијата. Јована Тренчевска и Александар Трајановски се нови потпретседатели, додека Александар Димитриевиќ и Љупчо Фармаковски ги задржаа своите функции.
Дали станува збор за случајно темпирање или внимателно избран момент? Дали празниците навистина се најдобро време за политичка амнезија? Одговорите, барем засега, остануваат во магла – токму таму каде што сарказмот најдобро се снаоѓа.
![]()

