ВЛЕН СО ЖЕСТОКА КРИТИКА ДО ДУИ: ИМАВТЕ ВЛАСТ, НО НЕМАТЕ ВОЛЈА ЗА ВИСТИНСКИ РЕФОРМИ

ВЛЕН ја критикува ДУИ поради долготрајната политика на игнорирање на албанските универзитети. Според коалицијата, проблемите не биле резултат на законски или институционални пречки, туку на политички пристап.

„Албанските универзитети со години беа маргинализирани, принудувани да протестираат и третирани како секундарно прашање секогаш кога принципот на еднаквост не се совпаѓаше со политичките интереси на ДУИ“, наведуваат од ВЛЕН.

„Факт е дека во периодот кога Талат Џафери имаше институционална одговорност, оваа неправда не само што не беше исправена, туку беше оправдувана и нормализирана“, велат од ВЛЕН, оценувајќи дека станува збор за реалност која, според нив, не може да се избрише.
Како клучен пресврт, од коалицијата го посочуваат потпишувањето на колективниот договор на денот на годишнината на Универзитетот во Тетово, како и договорот со Универзитет „Мајка Тереза“, што, според ВЛЕН, означува крај на долгогодишна политика на исклучување.
„Ова е крај на една политика изградена врз одолговлекување, селективност и нееднаквост. ДУИ имаше години, имаше власт и институции, но немаше политичка волја“, се наведува во реакцијата.

Потпишувањето на колективните договори со Универзитетот во Тетово и Универзитет „Мајка Тереза“ се посочува како пресврт во долгогодишната политика на исклучување. ВЛЕН истакнува дека формални декларации и конгреси не можат да ја заменат вистинската политичка волја за реформи.

Loading