Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, во своето годишно обраќање пред пратениците во Собранието упати остар апел да престанат политичките злоупотреби на трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека судскиот процес ќе покаже дали правосудството ќе ја врати или трајно ќе ја изгуби довербата на граѓаните.
Осврнувајќи се на пожарот во Кочани, во кој загинаа 63 лица, таа истакна дека трагедијата не била несреќен случај, туку резултат на системски пропусти, корупција, неказнивост и институционална неодговорност, кои ја довеле државата до, како што рече, „ѕидот на срамот“.
„Кочани не беше само трагедија, туку момент на болно соочување со нашите слабости. Во овој случај не зборуваме само за право, туку за правда, етика и морал“, истакна Сиљановска Давкова, додавајќи дека целосно ја разбира болката, гневот и револтот на семејствата на жртвите.
Претседателката нагласи дека толерирањето на корупцијата и несанкционирањето на криминалот ја зголемуваат опасноста до точка на катастрофа, потенцирајќи дека токму преку овој случај ќе се измери кредибилитетот на судството.
Во контекст на евроинтеграциите, таа повика на национален консензус, нагласувајќи дека проблемот не е само административен, туку лежи во уставните амандмани, кои претставуваат политички критериум. Според неа, на државата ѝ се потребни јасни и недвосмислени гаранции од Европската унија и од Бугарија.
Сиљановска Давкова изрази надеж дека Собранието наскоро ќе го донесе новиот Закон за Судски совет, по што таа ќе номинира двајца членови, нагласувајќи дека реформите во правосудството се клучни за европската иднина на државата.
Во својот говор таа се осврна и на надворешната политика, правичната застапеност, фемицидите, заштитата на животната средина, како и на директната комуникација со граѓаните, лицата со попреченост и успешните поединци од земјата и дијаспората.
![]()

