РОДИТЕЛИТЕ ВО НЕИЗВЕСНОСТ: СЛЕДУВА ЛИ ПРОМЕНА ВО УЧИЛИШНИОТ КАЛЕНДАР?

По неколкудневното екстремно загадување на воздухот, кога неколку градови во земјава се најдоа на листата на најзагадени во светот, јавноста сè погласно го поставуваше прашањето – дали учениците ќе одат порано на зимски распуст.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска изјави дека нема да има предвремено завршување на првото полугодие од учебната 2025/2026 година, ниту скратување на наставата поради загадениот воздух. Таа одговори на новинарско прашање при посетата на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Според Јаневска, до редовниот зимски распуст остануваат уште неколку дена и во овој момент нема информации дека здравјето на учениците е сериозно загрозено. Таа нагласи дека доколку постојат индивидуални здравствени причини, отсуство од настава од ден или два не претставува проблем, но системско скратување на учебните денови не е оправдано.

Министерката посочи дека во минатото честопати се практикувало неоправдано скратување на наставата од различни причини, што, според неа, треба да се надмине. Притоа додаде дека во многу европски земји учениците посетуваат настава и при полесни здравствени состојби, сè додека не е загрозено нивното здравје.

„Секогаш ќе одлучуваме во корист на здравјето на децата, но во моментов немаме такви информации“, изјави Јаневска.

Во меѓувреме, Министерството за животна средина и просторно планирање информираше дека епизодата со надминување на прагот на алармирање за ПМ10 честички е прекината во Скопје и Струмица, а со тоа се укинати и претходно донесените мерки и препораки.

Претходно, поради високото загадување, беше препорачано ослободување од работни обврски за бремени жени, лица над 60 години и хронично болни.

Loading