Националната развојна стратегија 2024–2044 претставува клучен и сеопфатен документ што за првпат на системски начин ја дефинира долгорочната визија за развојот на државата во следните две децении, истакна премиерот Христијан Мицкоски при отворањето на четвртата седница на Националниот совет за развој.
Мицкоски нагласи дека стратегијата е донесена со широк општествен и политички консензус, преку инклузивен и транспарентен процес во кој беа вклучени институции, експерти, академската заедница, бизнис секторот, граѓанските организации и граѓаните. Според него, токму ваквиот пристап е гаранција дека стратегијата нема да остане само формален документ, туку ќе се претвори во реални политики со мерливи резултати.

Во изминатиот период, по нејзиното усвојување, реализирани се повеќе активности за имплементација, а министерствата и државните институции добиле конкретни задолженија за спроведување на мерките предложени од Работниот комитет. Премиерот ја поздрави неговата работа, нагласувајќи дека тематските форуми овозможуваат отворена дебата и заедничко идентификување на развојните предизвици.
Како дополнителна потврда за широкиот консензус, во Собранието е формирана Интерпартиска парламентарна група за следење на напредокот на стратегијата, што, според Мицкоски, претставува силна порака за политичка зрелост, одговорност и координација меѓу законодавната и извршната власт.
Националната развојна стратегија, како „жив документ“, ќе се следи, унапредува и оценува преку воспоставен систем за мониторинг, известување и евалуација. Владата има обврска до март наредната година да достави годишен извештај за нејзиното спроведување.
Целта на стратегијата е долгорочен, одржлив и правичен развој, насочен кон подобар квалитет на живот, економска стабилност, институционална сигурност, зелена и дигитална трансформација, демографска ревитализација и зајакнување на човечкиот капитал.
![]()

