Семејствата на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска маршираа низ улиците на градот, во рамки на 35. Марш на ангелите. Со солзи и неизмерна болка, родителите и братјата и сестрите на жртвите ја изразија својата тага и барање за правда.
Во емотивните говори, родителите истакнаа дека празниците, како Нова година и Божиќ, се најтешки, бидејќи нивните деца веќе ги нема. Васка Стојанова, мајка на загинато момче, рече дека домот е полн со тишина, со соби што останале исти, со облека што го носи мирисот на нивните деца и со подароци што никој нема кому да ги подари.
Александар Наунов, татко на загината Надица, која утре требаше да го слави својот 18-ти роденден, потенцира дека неговото дете било земено од корупцијата, немарноста и системот кој требало да ги штити младите.
На маршот се обратија и други семејства на загинатите, а сестрата на едно од жртвите ја прочита песната „Нова година без ѕвона“, посветена на 63-те млади жртви. Маршот помина низ Паркот на револуцијата, Трговскиот центар, Полициска станица и заврши пред Основниот суд и Јавното обвинителство во Кочани, со порака дека бараат правда и одговорност за трагедијата.
Семејствата најавија дека Маршевите на ангелите ќе продолжат и наредната година по Божиќните празници, со цел сеќавање на загубените животи и јавен повик за одговорност.
![]()

