МИЦКОСКИ: БРОЈКИТЕ ЗБОРУВААТ – „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ СПАСИ ЖИВОТИ ВО СКОПЈЕ

Нула загинати во сообраќајки во Скопје во декември благодарение на „Безбеден град“

Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од досегашната имплементација на проектот „Безбеден град“, посочувајќи дека во декември 2025 година во Скопје нема ниту една жртва во сообраќајни незгоди.

Според Мицкоски, споредбата со декември 2024 година покажува значителен напредок, кога поради сообраќајни несреќи животот го загубиле пет лица. Тој истакна дека ваквите бројки се јасен показател дека примената на системот за паметно следење и детекција на сообраќајни прекршоци дава конкретни резултати.

„Во 2024 година во сообраќајни незгоди загинале 142 лица, додека во 2025 година бројката е намалена на 131, со драматично подобрување во декември. Ова значи дека возачите се повнимателни, не само во градовите каде што има инсталирано уреди, туку и на автопатите“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека од 1 февруари се очекува официјалниот почеток на системот со автоматско казнување, при што истиот ќе се надградува континуирано.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека во декември 2025 година е забележано намалување од околу 20 отсто на сообраќајните несреќи на територија на СВР Скопје, во споредба со истиот период лани.

Тошковски упати апел до сите 120 пратеници во Собранието да гласаат за измените на Законот за прекршоци, кои се клучни за целосна имплементација на системот „Safe City“.

„Доколку вакви резултати се постигнуваат и во тест период, уверен сум дека пратениците ќе ја препознаат важноста и ќе овозможат официјална примена од 1 февруари“, изјави Тошковски.

Проектот „Безбеден град“ има за цел зголемување на сообраќајната безбедност, намалување на прекршоците и спасување човечки животи преку употреба на современи технолошки решенија.

Loading