УЛИЦИТЕ СЕ ПРЕТВОРИЈА ВО МРАЗ – ВЛАСТИТЕ СО ИТЕН АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ

Поради екстремно ниските температури, улиците во Тетово и околните села се покриени со мраз, што сериозно го отежнува движењето и значително го зголемува ризикот од сообраќајни несреќи.

Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, упати итен апел до граѓаните да не ги напуштаат своите домови, ниту со возила ниту пешки, освен во најнеопходни ситуации.

„Патиштата се исклучително лизгави, евидентирани се бројни сообраќајни несреќи и постои реален ризик по животите и безбедноста на граѓаните“, истакна Касами.

Тој информира дека надлежните екипи се постојано на терен и работат на расчистување и обезбедување на сообраќајот, но апелираше на дополнителна внимателност и разбирање од страна на граѓаните.

Надлежните служби препорачуваат граѓаните да ги следат официјалните информации и да избегнуваат непотребни патувања сè додека состојбата не се стабилизира.

Loading