УЛИЦИ ПОД ВОДА, ПАТИШТА ИСЧЕЗНУВААТ: ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ДРЖАВАТА?

Силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд ја зафати Македонија, предизвикувајќи сериозни поплави, одрони и евакуации на населението, особено во западниот и полошкиот регион. Најкритична е состојбата во Кичево, каде поради надојдените води се врши евакуација на граѓани од станбени објекти, додека надлежните служби се постојано на терен.

Реката Вардар се излеа во атарот на селото Балин Дол, а поради одрони и поплави сообраќајот е во прекин или значително отежнат на патните правци кај Гостивар и Тетово, особено кон Стража и Бањиче. Во Охрид се поплавени подруми, гаражи и дворови, а Центарот за управување со кризи прогласи висок степен на готовност.

Одрон е пријавен и на патниот правец Татеши – Мислодежда кај Струга, додека во Општина Боговиње е поплавено обработливо земјиште поради излевање на вода надвор од каналите. Во Битола и Ресен состојбата се стабилизира, а дел од одроните се веќе санирани.

Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат ризични патишта и сите проблеми или итни ситуации да ги пријават на бројот 112.

Loading