ВМРО-ДПМНЕ остро ги отфрли обвинувањата што ги изнесе СДСМ за наводна „тендерска пирамида“ вредна 16 милиони евра, оценувајќи ги како неосновани политички конструкции без докази.
Од владејачката партија соопштија дека сите јавни набавки во општините и во Град Скопје се спроведуваат согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, кои се достапни за контрола од надлежните институции.
„СДСМ продолжува со старата пракса на шпекулации без факти и докази. Сите тендери се реализирани законски и транспарентно“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека опозицијата треба да даде одговор за корупциските скандали од времето на нивното владеење.
Претходно, Антикорупцискиот тим на СДСМ на прес-конференција објави дека одредена градежна фирма од 2022 година наваму добила 51 тендер во општини раководени од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, со вкупна вредност од околу 16 милиони евра.
Според СДСМ, најголем дел од тендерите биле доделени во општините Аеродром и Гази Баба, како и во Ѓорче Петров, Прилеп, Битола, Гевгелија и од Град Скопје. Беше побарано Јавното обвинителство, Финансиската полиција и Антикорупциската комисија да постапат по случајот.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека станува збор за обид за политички дефокус и дневнополитички манипулации, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат одговорна и аргументирана политичка дебата.
![]()

