ПОД ЗНАК ПРАШАЛНИК СТАРТОТ НА „СЕЈФ СИТИ“: ДУИ ГО БЛОКИРА ЗАКОНОТ СО БАДЕНТЕРОВО МНОЗИНСТВО

Под знак прашалник останува дали од 1 февруари ќе започне примената на системот „Сејф сити“ за автоматско казнување на сообраќајните прекршоци, и покрај најавите од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Причината е тоа што во Собрание на Македонија сè уште не е обезбедено потребното двотретинско и бадентерово мнозинство за усвојување на измените на Законот за прекршоците.

Опозициската ДУИ, предводена од Али Ахмети, засега не дава поддршка за предложените законски решенија. Без гласовите на ДУИ не може да се обезбеди мнозинство од пратениците припадници на заедниците, што е уставен услов за донесување на овие измени.

Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека меѓу пратеничките групи сè уште нема политички договор. Тој посочи дека нема суштински забелешки за содржината на законските измени, туку дека станува збор исклучиво за политичко прашање. Доколку се постигне договор, измените веднаш би биле ставени на дневен ред на пленарна седница.

Со предложените измени, прекршоците евидентирани преку камерите на „Сејф сити“ ќе се доставуваат по електронски пат – преку СМС порака или електронска пошта до сопственикот на возилото. Известувањето ќе содржи линк за преземање на записникот за прекршок и платниот налог. Доколку линкот не биде отворен во рок од 24 часа, ќе следи второ известување, а по истекот на осум дена доставата ќе се смета за уредно извршена, дури и без преземање на документите. Предвидена е и можност за достава преку дигитална апликација.

Покрај електронската достава, измените предвидуваат и значително построги санкции – трајно одземање на возилото за возачи затекнати под дејство на алкохол или дрога, како и одземање на возачката дозвола. Сепак, без обезбедување на потребното парламентарно мнозинство, стартот на „Сејф сити“ останува неизвесен.

Loading