Левица ја напушта „антисистемската“ поза: од револуционерна реторика до на маса со власта
Опозициската Левица официјално потврди дека ќе учествува на лидерската средба иницирана од премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, закажана за среда во Клубот на пратениците.
Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, изјави дека „сега е време“ за конструктивен дијалог за клучни државни прашања. Но токму оваа изјава ја разоткрива најголемата контрадикторност во политиката на Левица – партија што со години ја гради својата поддршка на агресивна антисистемска реторика, сега без двоумење прифаќа формат кој до вчера го нарекуваше елитистички и недемократски.
Селективна принципиелност на Левица. Тврди дека една и пол година се обидувала да воспостави комуникација со власта преку закони и барање консензус. Но јавноста добро памети дека истата таа партија редовно ги дисквалификуваше сите други политички актери како „дел од истиот корумпиран систем“. Денешната подготвеност за дијалог отвора сомнеж: дали станува збор за искрена грижа за демократскиот процес или за тактичко приближување кон центарот на моќта во пресрет на изборите?
Една од главните теми на лидерската средба ќе биде укинувањето на техничката влада, која традиционално се формира 100 дена пред парламентарни избори како механизам за контрола и фер избори.
Левица најави дека го прифаќа укинувањето, но само под услов да се воведе една изборна единица и еднаков медиумски пристап. Ваквиот став е проблематичен од две причини:
-
прво, техничката влада е еден од ретките механизми што ја ограничуваат злоупотребата на државните ресурси;
-
второ, условите што ги поставува Левица се свесно нереални за краток рок, што остава впечаток дека се користат како алиби, а не како реална реформска агенда.
Каде е доследноста?
Опозициската Демократска унија за интеграција најави дека допрва ќе одлучува за учество, по седници на партиските тела свикани од Али Ахмети.
За разлика од нив, СДСМ јасно ја одби поканата. Лидерот Венко Филипче оцени дека техничката влада е клучна гаранција за чесни избори и дека реформите треба да се водат во Собранието, а не на лидерски средби зад затворени врати.
Во тој контекст, позицијата на Левица изгледа најмалку јасна: од „глас на народот“ до учесник во политички договори со истите тие елити што со години ги напаѓаше.
Политички реализам или губење на идентитетот?
Со прифаќањето на лидерската средба, Левица ризикува да го загуби токму она што ја издвојуваше – имиџот на бескомпромисна опозиција. Наместо јасна и доследна борба за демократски стандарди, партијата испраќа порака дека принципите се флексибилни кога станува збор за политичко позиционирање.
Прашањето што останува е едноставно: дали Левица навистина сака системски промени или само бара ново место на масата на која, барем декларативно, тврдеше дека никогаш нема да седне.
![]()

