АНДОНОВСКИ: НЕМА ВНАТРЕПАРТИСКА БИТКА, СЕГА Е ВРЕМЕ ЗА РЕЗУЛТАТИ

Андоновски: Нема внатрепартиска битка во ВМРО-ДПМНЕ – следуваат години на резултати, не на функции

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју за 360 степени на МРТ 1 изјави дека во ВМРО-ДПМНЕ нема започната внатрепартиска битка за иден лидер, и покрај фактот што партијата во 2029 година треба да избере нов претседател. Според него, наредниот период ќе биде фокусиран на продуктивност и испорака на резултати, а не на борба за позиции.

По реизборот на Христијан Мицкоски за лидер на партијата на конгресот во Кавадарци, јавноста е насочена кон тоа кои ќе бидат новите кадровски решенија во потесното раководство. Андоновски смета дека фокусот не треба да биде само на имињата, туку на политичкото позиционирање и стратешките насоки.

„Знам дека секогаш најинтересно за јавноста е кој на кое место ќе биде, но за мене многу поважно е како се позиционираме политички и во која насока ќе се движиме во наредните четири години“, истакна Андоновски.

На прашањето дали веќе започнала внатрепартиска битка за идниот лидер, министерот беше јасен дека таков процес не гледа.

„Не би рекол дека има некаква битка. Амбициите се природна работа на сите што се занимаваат со политика, но сега е време за покажување резултати“, рече тој.

Во однос на евентуална реконструкција на Владата, Андоновски оцени дека таа во моментов е стабилна и дека нема најава за промени. Говорејќи за коалицијата ВЛЕН, тој нагласи дека постои редовна и квалитетна комуникација меѓу владините ресори, како и простор за нејзина понатамошна консолидација по локалните избори.

Министерот потенцираше дека неговите лични цели се поврзани со конкретни резултати во ресорот, а не со партиски или владини функции. Воедно призна дека поради министерските обврски, привремено го запоставил докторатот на Правниот факултет при УКИМ, кој е поврзан со правото и новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција.

Loading