Андреј Жерновски – дипломат со визија… за Фејсбук
Поранешниот амбасадор, екс-градоначалник и редовен фејсбук-аналитичар Андреј Жерновски повторно блесна со длабока геополитичка анализа – овојпат од удобноста на статус на социјални мрежи.
Според Жерновски, светската дипломатија очигледно не функционира без негов коментар. Одлуката на Соединетите Американски Држави за пауза на имигрантски визи, тој мајсторски ја сведе на едноставна формула: за сè е крив Мицкоски.
И тоа не било каква вина – туку историска, епска и речиси митолошка. Бидејќи, ако нешто не чини во светот, логично е одговорот да е Христијан Мицкоски. Климатски промени? Мицкоски. Визна политика на САД? Мицкоски. Лош Wi-Fi? Па нормално.
Жерновски, кој остави „длабока трага“ во дипломатијата (толку длабока што јавноста сè уште ја бара), сега ни објаснува што се вистински меѓународни односи. И тоа човек кој беше дел од власта на СДСМ, кога државата доби ново име, нови ветувања и стари резултати.
Посебно е трогателна неговата грижа за младите. Истите тие млади за кои СДСМ имаше стратегија – куфер со еднонасочен билет. Но сега, кога не е на функција, Жерновски е будната совест на нацијата, вооружен со сарказам и селективна меморија.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија со потсетување на неговите „успеси“: неакредитиран амбасадор, проектен менаџер без проект и политичар со повеќе функции отколку резултати. Потсетија и на времето кога додека државата чекаше клинички центар, некои чекале месечен хонорар.
На крајот, останува дилемата: дали Андреј Жерновски навистина верува дека светските сили ја кројат политиката според македонски фејсбук-статуси – или едноставно му недостига вниманието што одамна го нема во реалната политика?
Како и да е, едно е сигурно:
Жерновски можеби не ја води дипломатијата, но упорно одбива да ја напушти – барем онаа на социјалните мрежи.

Пишува ✍ Аматерката
![]()

