Вклучувањето на Македонија на списокот од 75 земји за кои е суспендирано издавањето на имигрантски (иселенички) визи за Соединетите Американски Држави предизвика силни политички реакции и шок-бранови во јавноста. Одлуката беше дочекана како неочекувана, особено поради фактот што земјата е членка на НАТО и има потпишано декларација за стратешко партнерство со Вашингтон.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска се обиде да ја амортизира ситуацијата, најавувајќи дека во наредните шест месеци е можно „позитивно изненадување“ во визната политика на САД кон Македонија. Сепак, поранешниот амбасадор Ристо Никовски оценува дека одлуката воопшто не е случајна и дека не треба да се очекува брза промена.
Никовски, кој во јавноста често се перцепира како аналитичар наклонет кон актуелната владејачка гарнитура, смета дека Македонија нема никакви специјални односи со САД. Според него, никој не може со сигурност да каже колку долго ќе трае заострувањето на имиграциската политика на администрацијата на Доналд Трамп.
Во изјава за весникот Вечер, Никовски остро го проблематизира поимот „стратешко партнерство“:
„Ние се залажуваме дека имаме договор за стратешко партнерство со Вашингтон. Тоа е нечија измислица. Имаме само декларација од половина страница, подарена како утешна награда од страна на Џорџ Буш Помладиот, по неговата неисполнета најава дека Македонија ќе стане членка на НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година. Таа декларација нема никакво практично значење.
Никој нека не се залажува дека имаме некакви специјални односи со САД. Ние сме нивен стратешки партнер затоа што правиме сè што ќе побараат од нас, но тие не се и наши.“
Според Никовски, фактот што Србија не се најде на листата на земји со суспендирани имигрантски визи најверојатно е резултат на нејзиниот подобар рејтинг и статистика во однос на досегашното користење американски визи.
![]()

