КОГА ГУБИ ВЛАСТ – СЕ РАЃА ЗАГРИЖЕНОСТ: СПАСОВСКИ ВО НОВА УЛОГА

Спасовски: Наместо парцијални измени, потребен е целосно нов Изборен законик

Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, оцени дека државата има потреба од целосно нов Изборен законик, а не од натамошни парцијални измени на постојниот закон.

Во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, Спасовски истакна дека Изборниот законик е дел од реформската агенда со јасно утврдени рокови, но дека Владата не ги исполнува ветувањата дадени пред граѓаните.

„Требаше да имаме нов Кривичен законик, па добивме измени. Требаше да имаме нов Изборен законик, а повторно се зборува за измени. Тоа покажува дека декларативната заложба за реформи и напредок не се реализира“, рече Спасовски.

Над 30 измени – јасен сигнал за нов закон

Според него, фактот што во актуелниот Изборен законик има над 30 измени, јасно укажува на потребата од носење целосно ново законско решение. Тој нагласи дека опозицијата очекувала Министерството за правда да излезе со нов предлог-закон, како што било најавено од Владата.

Спасовски информираше дека на координативна средба во Собранието, министерот за правда Игор Филков соопштил дека нема да се подготвува нов Изборен законик, туку ќе се формира работна група со претставници од парламентарните партии која ќе работи на измени. Притоа било наведено дека доколку измените надминат 30 отсто од текстот, тогаш ќе се пристапи кон носење нов закон.

Отворени листи и една изборна единица

Говорејќи за можни реформи, Спасовски посочи дека прашањата за промена на изборниот модел – една изборна единица со отворени листи и намалување на бројот на пратеници – треба сериозно да се отворат и разгледаат.

„СДСМ и во својата изборна програма имаше заложби и за намалување на бројот на пратеници и за една изборна единица со отворени листи. Очекувам овие теми да се отворат во рамките на работната група“, изјави тој.

Изборниот законик се носи со консензус

Спасовски потенцираше дека Изборниот законик е едно од ретките законски решенија што се носат со широк политички консензус и дека историски гледано, секогаш бил усвојуван со согласност на сите релевантни политички партии.

На крајот, тој нагласи дека е неопходен отворен дијалог за сите прашања што ќе придонесат за зајакнување на довербата во изборниот процес и за исполнување на очекувањата на граѓаните.

Loading