ДАЛИ ИМАЛО ИНСТИТУЦИОНАЛЕН ПРИТИСОК? – СЕРИОЗНИ СОМНЕЖИ ЗА СДСМ?

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ вчера изнесе сериозни обвинувања против претседателот на СДСМ, Венко Филипче, тврдејќи дека во периодот кога бил министер за здравство вршел притисоци и користел институционални механизми со цел да ја преземе приватната клиника Жан Митрев.

На прес-конференција одржана вчера, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, ја повика Јавно обвинителство да го истражи случајот, повикувајќи се на наводи и сведоштво изнесени од кардиохирургот Жан Митрев.

Според Стојаноски, преку институциите бил извршен сериозен притисок врз Митрев, при што биле блокирани неговата лична сметка и сметката на болницата, а во одреден период постоела и забрана за продажба на клиниката. Тој наведе дека, според изјавите на Митрев, откако поранешниот премиер Зоран Заев и Филипче наводно изразиле интерес за преземање на болницата, забраната била отстранета во рок од една недела.

„Се поставува сериозното прашање како е можно вакво институционално постапување и дали државните механизми биле злоупотребени за лични и политички интереси. Дополнително, постојат наводи дека имало обид клиниката да биде откупена по цена далеку пониска од реалната и пазарната“, изјави Стојаноски.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека ваквите случувања се особено загрижувачки бидејќи се одвивале за време на ковид-кризата, период кога, како што посочија, приоритет требало да биде здравјето на граѓаните, а не сценарија за преземање приватни здравствени установи.

Претходно, вчера, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вонредна прес-конференција најави дека ќе поднесе тужба за клевета против, како што рече, „наредбодавачите и извршителите“, поради, според него, засилените напади и обвинувања од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тој нагласи дека станува збор за груби лаги и организирана црна кампања, а обвинувањата поврзани со клиниката „Жан Митрев“ ги оцени како целосно неосновани.

Филипче додаде дека е подготвен сите сомнежи да се расчистат институционално и ги повика и д-р Жан Митрев и надлежните органи, доколку располагаат со докази, истите да ги достават до институциите, наместо преку медиумски настапи.

Loading