ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ НА СВЕТСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ ВО ДАВОС

Утре започнува годишниот состанок на Светски економски форум (СЕФ) во Давос, настан што традиционално ги собира највлијателните политички и економски лидери во светот. Во фокусот на овогодинешното издание, кое се одржува во услови на сериозни геополитички и економски тензии, е и учеството на премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, за кого веќе е познато дека ќе присуствува на форумот.

Присуството на Мицкоски во Давос доаѓа во клучен момент, кога Европа се соочува со зголемени притисоци од глобалните сили, а прашањата за економски раст, инвестиции, енергетска безбедност и иднината на меѓународниот поредок се високо на агендата. Очекувањата се дека македонскиот премиер ќе оствари низа средби со странски државници, претставници на меѓународни институции и водечки бизнис-лидери, со цел промоција на економските приоритети и инвестициските можности на земјата.

Годинешниот форум се одржува под мотото „Духот на дијалогот“, но е засенет од длабоките поделби меѓу глобалните актери, особено поради политиките на американскиот претседател Доналд Трамп и растечката конкуренција меѓу САД и Кина. Токму во ваков контекст, учеството на лидери од помалите европски држави, како Северна Македонија, добива дополнителна тежина.

Се очекува во Давос да пристигнат и бројни европски и светски лидери, како и директори на најголемите енергетски и технолошки компании, што го прави форумот значајна можност за дипломатска и економска видливост. Настапот на Мицкоски ќе биде под лупа, особено во делот на пораките што ќе ги испрати за регионалната стабилност, европската перспектива и економскиот развој.

Давос и оваа година останува место каде што се судираат визиите за иднината на светот – а утрешното присуство на Мицкоски го позиционира македонскиот премиер во центарот на тие глобални разговори.

Loading