На повеќе локации во Скопје, меѓу кои и селото Батинци, синоќа се одвиваше засилена полициска акција во обид за апсење на бегалец осомничен за тешки кривични дела, потврдија од Министерство за внатрешни работи (МВР).
Повеќе полициски тимови беа распоредени на терен во Батинци – родното место на лицето по кое е распишана национална и меѓународна потерница. Според официјалното соопштение на МВР, акцијата била спроведена врз основа на претходно добиени оперативни информации.
„По претходно добиена информација, надлежни полициски служби при МВР денеска делуваа на подрачјето на Скопје, со цел лишување од слобода на лице по кое е распишана национална и меѓународна потерница за тешки кривични дела. Активностите продолжуваат на терен со цел пронаоѓање и лишување од слобода на лицето од висок интерес“, информираат од МВР.
Според сознанија објавени од Телма, потерата е насочена кон Џавит Муса, припадник на таканаречениот клан Беланоца, кој подолго време е во бегство. Тој е осомничен дека во јули годинава извршил убиство на жител на Батинци, припадник на Армија на Република Северна Македонија (АРМ).
Според неофицијални информации, мотивот за убиството бил поврзан со семеен конфликт и обид насилно да се издејствува брак со ќерката на убиениот. Освен за овој случај, Муса претходно се поврзува и со уште едно убиство, што го прави лице од висок безбедносен интерес за полицијата.
Од МВР засега не соопштуваат дополнителни детали, но нагласуваат дека потрагата продолжува и дека јавноста ќе биде навремено информирана за евентуален исход од акцијата.
![]()

