Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен да го понесе ризикот дури и Владата да падне, со цел да се реализира проектот „Сејф сити“, чија основна цел, како што нагласи, е спасување на човечки животи, а не наплата на казни.
Во гостување на ТВ21, Мицкоски истакна дека системот има превентивна и едукативна улога и дека веќе дава резултати во намалување на сообраќајните прекршоци и сообраќајните несреќи.

Помалку прекршоци како се приближува 1 февруари
Според податоците што ги презентираше премиерот, на 23 јануари биле регистрирани над 15.000 сообраќајни прекршоци, додека на 24 јануари бројот се намалил на околу 14.000. Како што се приближува 1 февруари, датумот кога официјално се очекува да започне изрекувањето на казни, бројот на регистрирани прекршоци бележи континуиран пад.
– Целта не е да се наплатуваат казни. Постојат толеранции – ако се вози до 5 километри над дозволеното, нема да има санкции. Казни ќе има при пречекорување над 10 километри. Ова е систем што треба да делува превентивно и едукативно – изјави Мицкоски.

„Подготвен сум Владата да падне заради безбедноста“
Премиерот беше дециден дека безбедноста на граѓаните нема цена, дури и ако тоа значи политички ризик.
– Ако треба оваа влада да падне поради „Сејф сити“, а потоа да дојде друга влада и да го укине системот и секој да вози како што сака, тогаш во ред – подготвен сум да го понесам тој ризик – рече Мицкоски.
Намален број на загинати во сообраќајот
Дополнително, Мицкоски информираше дека во периодот од декември 2025 до 26 јануари 2026 година, во споредба со истиот период лани, бројот на загинати лица во сообраќајни несреќи е намален за 7, што, според него, е јасен индикатор дека мерките даваат резултати.
![]()

