СЕМЕЈНА ФИРМА, ПОЛИТИЧКА БУРА – КОМУ МУ ПРЕЧИ ИМЕТО НА НЕЛОСКИ?

Владимир Нелоски, шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, преку објава на социјалните мрежи реагираше на вчерашната прес-конференција на СДСМ, на која беа изнесени обвинувања дека тендерските мрежи околу фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ водат до него. Повод за реакцијата беа тврдењата на социјалдемократите дека таткото на Нелоски лани станал содружник во фирмата за облека „Трго строј“ ДОО Скопје, чиј сопственик и управител е Оливера Доновска, сопруга на сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“.

Нелоски во својата реакција потврдува дека неговиот татко е дел од споменатата приватна фирма, но нагласува дека таа не учествува на државни тендери, ниту има добиено каков било тендер, па оттука, како што наведува, не може на никаков начин да биде поврзана со носење одлуки за државни средства. Тој посочува дека неговиот татко цел живот работи во приватниот сектор и има право на деловна активност, додавајќи дека со трговија се занимава уште пред осамостојувањето на државата.

Прес-конференциите на СДСМ, на кои се изнесуваат обвинувања за тендери доделени на фирми наводно блиски до актуелната власт, Нелоски ги оценува како нечесни и валкани, тврдејќи дека се базираат на невистини, манипулации и полуинформации. Според него, со ваков пристап не се гради доверба кај граѓаните, туку дополнително се нарушува угледот на партијата која, како што наведува, е оптоварена со криминал, корупција и внатрешни фракции.

Во објавата, Нелоски го повикува Социјалдемократскиот сојуз тврдењата што ги изнесува на прес-конференциите да ги формулира во потврдна, а не во прашална форма, со цел, како што истакнува, да може да поведе соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните институции. Во изминатиот период, опозицискиот СДСМ на неколку прес-конференции објави наводи од својот антикорупциски тим, според кои фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ добила 51 тендер во вкупна вредност од околу 16 милиони евра во општини управувани од кадри на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Loading