Дали Апасиев ќе ѕирка од прозор или ќе биде пред Собрание да ја сподели маката на работниците?
Синдикатите денеска излегуваат на протест, барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Протестот е предвидено да започне пред Собрание, потоа да продолжи пред Стопанската комора и да заврши пред Влада.
Од синдикатите најавуваат дека доколку нема одговор и слух за нивните барања, ќе следуваат таргетирани блокади на институции, а не ја исклучуваат ниту можноста за генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор.
Во јавноста се отвора и прашањето дали лидерот на Левица, Димитар Апасиев, ќе биде присутен на денешниот синдикален протест, со оглед на тоа што во изминатиот период често настапува со реторика за работнички права, социјална правда и ниски плати.

Апасиев редовно јавно говори за потребата од повисоки плати и заштита на работниците, но останува нејасно дали таа реторика ќе ја потврди и со лично присуство на протестот. Дел од јавноста смета дека токму ваквите настани се тест за доследноста на политичарите кои гласно зборуваат за работнички прашања.
Отсуството од ваков протест, според ваквите оценки, би ја отворило дилемата дали борбата за работнички права се води само преку изјави и собраниски настапи, или и преку конкретна поддршка на терен, заедно со работниците.

Синдикатите засега не соопштуваат дали очекуваат присуство на политички лидери, но денешниот протест ќе покаже кои политички актери навистина стојат зад реториката за работничките права, а кои се задржуваат само на зборови.
Барањата, како што велат синдикалните претставници, се резултат на зголемените трошоци за живот, инфлацијата и нискиот животен стандард на работниците, кои сè потешко ги покриваат основните месечни потреби.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека протестот има политичка позадина, нагласувајќи дека Владата е подготвена за разговори, но не и за решенија кои би можеле да ја нарушат економската стабилност.
Синдикатите, пак, потенцираат дека протестот не е политички, туку социјален и економски, и дека целта е обезбедување достоинствени плати и подобри услови за живот на работниците.
![]()

