СДСМ остро реагира на, како што велат, долгогодишната соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, обвинувајќи дека станува збор за „тендер коалиција“ која функционира по принципот „јас на тебе – ти на мене“.
Според СДСМ, ВМРО и ДУИ не се само повремени политички партнери, туку повеќедецениски соработници кои меѓусебно се поддржуваат во, како што наведуваат, сите сомнителни и коруптивни зделки, со цел зачувување на моќта и поделба на државните ресурси.

Договори уште од времето на Груевски
„Ова се стари правила на тендер коалицијата. Нивните договори траат уште од времето на Никола Груевски, а денес ВМРО, под водство на Христијан Мицкоски, ги применува истите тие модели“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Партијата посочува дека ништо суштински не се сменило – освен што, како што тврдат, цените се зголемиле, тендерите се намножиле, а апетитите за државни пари пораснале.

Safe City – од безбедност до надзор
Како клучен пример се наведува Законот за прекршоци, односно проектот „Safe City“. Според СДСМ, проектот кој бил започнат во нивно време со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот, сега е трансформиран во алатка за масовно следење на граѓаните.
„Станува збор за предавање на околу 65.000 камери и чувствителни лични податоци во рацете на ВМРО, без јасни механизми за контрола и спречување злоупотреби“, обвинува СДСМ, додавајќи дека планираната апликација за граѓаните отвора сериозни прашања за приватноста.
Преговори, уцени и пазарење
Во соопштението се наведува дека Али Ахмети јавно признал дека преговорите за влез на ДУИ во владата траат повеќе од една година, додека Мицкоски најавил директни средби „тет-а-тет“ за договарање на клучни прашања.
„Закони и министерства се разменуваат како на пазар. Ако ДУИ го добие својот дел од колачот – ќе гласа. Ако не – ќе блокира“, наведува СДСМ.

СДСМ: Ова не е влада за граѓаните
Поради недостиг на јасна контрола врз безбедносниот систем и собраните податоци, СДСМ информира дека не го поддржала законот. Според нив, актуелната власт не работи во интерес на граѓаните, туку функционира како „машина за корупција“.
„Ова не е влада за народот. Граѓаните ја плаќаат сметката, додека политичките елити ја делат добивката“, порачуваат од СДСМ, додавајќи дека ќе продолжат со борбата за европска и демократска Македонија.
![]()

