Иако поддршката за членство во Европската унија кај македонските граѓани останува висока, отпорот кон уставните измени и понатаму е силен. Според најновите истражувања, 71% од граѓаните ја поддржуваат европската иднина на земјата, но политичката реалност покажува сосема поинаква слика.
На вчерашната седница на Комисијата за европски прашања, евроамбасадорот Михаел Рокас порача дека резултатите од европскиот пат директно ќе зависат од напорот што ќе се вложи оваа година. Според него, вратите на Европската унија се отворени, но клучниот проблем повеќе не е надворешен, туку лежи во недостигот од внатрешно политичко обединување.
Истражувањата презентирани пред пратениците, во кои учествуваа и претставници на Фондација Конрад Аденауер и Институт за демократија Социетас Цивилис, покажаа дека и покрај растечката поддршка за ЕУ, отпорот кон уставните измени останува еден од најголемите сопки на евроинтегративниот процес.

И власта и опозицијата и вчера настапија со спротивставени ставови. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини актуелната власт дека ја турка земјата кон изолација и не испорачува конкретни резултати на патот кон Брисел. Наспроти тоа, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошовски, посочи дека фрустрацијата кај граѓаните произлегува од постојаното менување на условите за Македонија во текот на преговорите.
На вчерашната седница се дискутираше и за приоритетите на кипарското претседателство, при што од амбасадорот на Кипар во земјава, Андреас Фотиу, беше побарано во Брисел да го отвори и прашањето за најавените протести на камионџиите и можните блокади. Дополнително, се разговараше и за Меморандумот за побрза интеграција и непречен транспорт на земјите од Западен Балкан.
Поддршката од граѓаните е јасна, пораките од Брисел се испратени, но останува прашањето – дали политичката елита ќе најде заеднички јазик или европската приказна повторно ќе остане заглавена во домашните ровови.
![]()

