САЛИ ВО БРИСЕЛ: СРЕДБИ СО ЕВРОКОМЕСАРКАТА КОС И ВИСОКИ ПРЕТСТАВНИЦИ НА ЕУ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ

Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, кој престојува во дводневна официјална посета на Брисел, денеска ќе оствари средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Во рамки на посетата, Сали ќе се сретне и со генералниот директор на Генералниот директорат за проширување и источно партнерство – DG ENEST, Герт Јан Копман.

На првиот ден од посетата, Сали имаше средба со известувачот во сенка на Европски парламент за земјава, словенечкиот европратеник Матеј Тонин. Во фокусот на разговорите беше напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите и спроведувањето на клучните реформи, со посебен акцент на владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците.

Соговорниците ја нагласија важноста билатералните прашања да не го попречуваат европскиот пат на земјата, при што Сали ја потврди посветеноста кон реформите и подготвеноста за натамошна соработка со европските партнери.

Сали и Тонин го поздравија напредокот во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB, како и приклучувањето во SEPA.

Во Брисел, Сали оствари средба и со директорката за Западен Балкан при DG ENEST, Валентина Суперти, на која беше оценето дека земјата бележи одржлив напредок во спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст, особено во областите на владеењето на правото, јавната администрација и дигитализацијата.

На средбите беше отворено и прашањето за практичните предизвици со кои се соочуваат превозниците по воведувањето на EES.

Посетата на Брисел Сали ја започна со средба со кипарската амбасадорка при Европска Унија, Кристина Рафти, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ. Во фокусот беа Реформската агенда, Планот за раст за Западен Балкан и клучните приоритети во напредокот на преговорите со Европската Унија, при што беше истакната важноста од континуирана поддршка од европските партнери.

Loading