Вршителката на должноста претседател на Бугарија, Илијана Јотова, изјави дека нема никакви шанси Софија да прифати промена во преговарачката рамка што би овозможила Северна Македонија да го заобиколи првиот кластер од пристапните преговори со Европската Унија.
Изјавата ја даде по средбата со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, одржана во рамки на Минхенска безбедносна конференција. Во Минхен, Кошта се сретна и со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

Софија загрижена за „алтернативни патишта“
Според Јотова, во Софија постои загриженост поради информации дека македонските власти се обидуваат да лобираат кај европските земји за започнување на преговорите по други поглавја, наместо со првиот кластер – „Фундаментални вредности“, кој ги опфаќа и прашањата за човековите права.
„Додека нема промена во Уставот на Република Северна Македонија и впишување на Бугарите таму, не може да има никакво придвижување“, нагласи Јотова, додавајќи дека ова не е само барање на Софија, туку и политика на европските институции.

Очекувања до јуни
Јотова изрази надеж дека до следниот самит на ЕУ за Западен Балкан во јуни ќе се најде решение, доколку, како што рече, Северна Македонија сè уште сака да стане дел од Унијата.
Од нејзиниот кабинет соопштија дека темата проширување на ЕУ и евроинтегративниот пат на Скопје биле во фокусот на разговорите со Кошта.
Мицкоски: Достоинствен процес, без билатерални условувања
Од своја страна, премиерот Мицкоски информираше дека со Кошта имал отворен разговор за европската перспектива на Македонија, реформите и предизвиците на патот кон членство во ЕУ.
„Македонија останува посветена на европскиот пат, но заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европските вредности, а не на билатерални условувања“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Прашањето за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот останува клучен услов за продолжување на пристапните преговори, а исходот би можел да биде појасен до јунскиот самит на ЕУ.
![]()

