КАСАМИ МУ СЕ ЗАКАНУВА НА ЛИМАНИ – „БЕСА“ ГО ТРЕСЕ ВЛАДИНОТО СТОЛЧЕ, МИНИСТЕРОТ ВРАЌА УДАР: УТРЕ МОЖАМ ДА ИМАМ 15 ПРАТЕНИЦИ!

Тензиите во редовите на Движење Беса добиваат нова димензија откако претседателот Билал Касами најави можност за повлекување на министерот Фатмир Лимани од Владата, но наместо тоа, беше разрешено целото партиско раководство.

Иако пред два дена во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, Касами посочи дека раководството може да одлучи Лимани да биде повлечен од министерската функција, синоќешниот развој на настаните изненади многумина. Наместо смена на министерот, беше донесена одлука за разрешување на целото раководство на партијата.

По пристигнувањето во седиштето на партијата, Лимани се обрати пред медиумите испраќајќи јасна порака дека не е сам и дека во иднина може да располага со поддршка од 15 пратеници.

„Очекувам зрелост, јасност и активности кои одговараат на нивото на зрелите политичари. Не смеат да ја нарушат структурата на ВЛЕН, бидејќи тоа би значело чекор назад. Ако ме гледаат само како поединец – јас не сум само поединец, утре можам да имам 15 пратеници“, изјави Лимани.

Од друга страна, Касами пред медиумите не се фокусираше директно на прашањето за разрешување на Лимани, туку најави дека на партискиот состанок се дискутирало за работата на функционерите на Беса во Владата. Според него, партијата има поголем капацитет од оној што моментално е искористен и потребна е анализа на квалитетот на нивниот ангажман во извршната власт.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски застана во одбрана на Лимани, истакнувајќи дека е задоволен од неговата работа и дека како мандатар има право да одлучува за составот на Владата.

„Станува збор за политичка влада и додека станува збор за политичка влада, учесници се политичките партии. Додека сме дел од таа влада, ќе имаме целосно право да ги предлагаме нашите министри“, порача Касами, одговарајќи на ставот на премиерот.

Претседателот на Демократско движење, Изет Меџити, не сакаше подетално да ја коментира ситуацијата, оценувајќи дека станува збор за внатрешно прашање на Беса и изрази уверување дека партијата има капацитет да го надмине спорот.

Развојот на настаните отвора прашања за стабилноста на коалицијата ВЛЕН и за односите меѓу партнерите во Владата, особено во контекст на изјавите дека одлуките за министрите се политичко, но и коалициско прашање.

Loading