ЕВРОПСКА ТРКА СО ВРЕМЕТО: МАКЕДОНИЈА ДОБИВА НОВА ШАНСА!

Премиерот Христијан Мицкоски откри ново можно сценарио за забрзана интеграција на Македонија во Европската Унија, според кое земјава би можела да стане дел од Унијата веќе на почетокот на 2027 година.

Во интервју за Канал 5, Мицкоски посочи дека во Брисел сè погласно се дискутира идеја Македонија, заедно со Украина, Црна Гора и Албанија, да влезе во ЕУ во пакет, но под специфични услови и во повеќефазен модел.

Според сценариото што се разгледува, Македонија би седела на масата во Брисел, би учествувала во работата на Советот и комисиите, но во почетната фаза нема да има право на глас. Со постепено затворање на преговарачките поглавја и усогласување со европското законодавство, земјата би добивала сè поголеми надлежности, сè до целосна интеграција во институционалниот систем на Унијата.

„Да седнеме на масата, да се развиори македонското знаме во Брисел… Ова е она што моментално се слуша како идеја по ходниците во Брисел, а беше тема и на Минхенската конференција“, изјави Мицкоски.

Ова сценарио е тесно поврзано со мировниот план за Украина и потребата од нејзина брза реконструкција и европска интеграција. Идејата за фазно членство би овозможила политичка стабилизација и економска поддршка за земјите-кандидати, додека паралелно се спроведуваат неопходните реформи. Доколку ваквиот модел добие зелено светло од земјите-членки, 2027 година би можела да стане пресвртница во европската перспектива на Македонија.

Loading