На Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје денеска ќе се одржи научно-стручна расправа посветена на Предлог-законот за помилување, во организација на Здружение за кривично право и криминологија на Македонија (ЗКПКМ) и Правниот факултет.
Според најавата, на расправата ќе се обратат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за правда Игор Филков, деканот на Правниот факултет Сашо Георгиевски и претседателката на ЗКПКМ Александра Груевска-Дракулевски.

Укинување на аболицијата и јасна постапка
Организаторите посочуваат дека целта на Предлог-законот е да воспостави јасна, транспарентна и временски ограничена постапка за помилување.
Една од најзначајните измени предвидува дека Претседателот ќе може да даде помилување само за изречена санкција, но не и за кривично гонење на поименично определени лица, со што се укинува можноста за аболиција. Дополнително, во текстот се разработува детална постапка со кратки рокови за сите институции вклучени во процесот на одлучување.

Очекувани заклучоци и јавна консултација
Од научно-стручната расправа се очекува да произлезат конкретни заклучоци и предлози кои ќе бидат доставени до Министерството за правда, со цел унапредување на законското решение.
Предлог-законот за помилување е објавен на ЕНЕР на 30 декември 2025 година и е достапен за јавноста на официјалната страница на системот за електронски национален регистар на прописи.
![]()

