Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во овој момент нема потреба од одржување предвремени парламентарни избори, и покрај тоа што, како што посочи, по апсолутниот триумф на локалните избори, партиски би ѝ одговарало на ВМРО-ДПМНЕ повторно да излезе на изборно соочување.
Според Мицкоски, владината коалиција функционира одлично, а одговорноста кон граѓаните е на прво место. Тој нагласи дека за формално распуштање на Собранието се потребни 61 пратеник, но дека во моментов не постои реална потреба од таков чекор.

– Од разговорите што ги имам со меѓународната заедница, но и со граѓаните, очекувањата се јасни – оваа Влада треба да испорача реформи. Тоа е нашиот главен фокус и приоритет, реформи и резултати – изјави премиерот.
Тој додаде дека како најголема политичка партија во државата, ВМРО-ДПМНЕ има обврска да се однесува одговорно и да работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Во однос на можната разрешница на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, по неговата најава дека планира да формира сопствена политичка партија, Мицкоски рече дека засега нема таква информација.
Премиерот информираше и дека сè уште нема конечна одлука за избор на нов државен јавен обвинител, нагласувајќи дека јавноста ќе биде навремено известена кога ќе биде донесена одлука.
![]()

