Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Македонија е жртва на „класичен булинг“ од одредени земји членки на Европската унија, кои, според него, го условуваат евроинтеграцискиот процес со политички барања наместо со реален напредок во реформите.
Во меѓувреме, претставници на Меѓународната Паневропска Унија јавно се спротивставија на идејата за членство во ЕУ без право на глас, оценувајќи дека таквиот модел би создал земји со понизок статус и би го забавил процесот на европска интеграција.
Паво Паришиќ од Паневропската Унија изјави дека во резолуција донесена пред неколку месеци во Винковци, организацијата предупредила дека ваквиот пристап не е добар и дека не треба да постојат земји со различни статуси во рамките на Унијата.

„Не сметаме дека е добро да постојат земји со пониски права или втор ешалон на членство. Тоа не може да се компензира со регионални облици на соработка“, порача Паришиќ.
Сличен став изнесе и директорот на Директоратот за ЕУ при Министерството за надворешни работи, Андреј Лепавцов, кој посочи дека идејата за ваков вид „получленство“ подолго време циркулира во европските кругови, но засега нема официјална одлука од страна на Европската унија.
„Ние не сме на ставот дека Македонија треба да биде членка од втор или трет ешалон. Сепак, од страна на ЕУ нема ништо официјално – станува збор за тековни дискусии и поединечни иницијативи“, изјави Лепавцов.

Од друга страна, премиерот Мицкоски истакна дека напредокот на Македонија не се вреднува според реформите, туку според исполнување на политички услови, како што се уставни измени, промена на името, знамето и други национални обележја.
„Колку повеќе го игнорираме овој проблем, толку потежок ќе биде патот кон ЕУ и ќе имаме повеќе препреки“, рече Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, смета дека владата води анти-ЕУ кампања наместо да ги спроведе неопходните реформи. Според него, над 70 проценти од граѓаните ја поддржуваат европската перспектива на државата, а застојот во процесот се должи на недоволни резултати во областа на правдата, слободата на медиумите и борбата против корупцијата.
Од Европската унија засега нема официјална потврда за модел на членство без право на глас. Од Брисел посочуваат дека процесот на пристапување останува јасно дефиниран и базиран на исполнување на критериумите.
![]()

