Демократска унија за интеграција (ДУИ) упати остри обвинувања кон министерот за правда Игор Филков, обвинувајќи го за директно мешање во работата на судството и обвинителството и побара негово разрешување. Од партијата велат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да постапуваат судиите и обвинителите, потенцирајќи дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судскиот систем, особено во чувствителни и политички поларизирани случаи.

„Министерот, наместо да го штити системот од политички притисок, создава клима на однапред одредена одлука и врши јавен притисок врз обвинителите и судиите. Ваквите изјави го нарушуваат принципот на поделба на власта и го загрозуваат интегритетот на тековните постапки“, соопштија од ДУИ, додавајќи дека доколку ваквата практика продолжи, министерот треба веднаш да биде разрешен.
Од партијата најавија дека за случувањата ќе ги информираат стратешките партнери, меѓу кои Соединетите Американски Држави, Европската Унија и ОБСЕ.

Реакциите следуваат откако министерот Филков ја оцени како „скандал кој не смее и не треба да се премолчи“ одлуката за куќен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби. Тој ги повика Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да свикаат седници и да утврдат дали има одговорност кај обвинителот Даниел Коцев и новиот шеф на скопското обвинителство Анел Фидоски, кои предложиле куќен притвор, како и кај судијата на претходна постапка Марин Станевски, кој го прифатил предлогот. Случајот предизвика силни политички реакции и повторно ја отвори дебатата за односот меѓу извршната и судската власт и почитувањето на принципот на поделба на власта во земјата.
![]()

