ПАРТИИТЕ ПОД ЛУПА: ЧИСТИ СМЕТКИ, СОМНИТЕЛНИ ЧЛЕНАРИНИ

Државните ревизори со забелешки за пет партии: Финансии уредни, проблеми со членарини и имот

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Левица и Алтернатива работеле финансиски уредно во 2024 година, но Државниот завод за ревизија утврдил неправилности околу собирањето на членарините, како и нерешени прашања со имот и документација.

Државниот завод за ревизија во своите најнови извештаи констатира дека петте најголеми политички партии – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Левица и Алтернатива – во 2024 година имале уредно финансиско работење и нивните финансиски извештаи вистинито и објективно ја прикажуваат состојбата.

„Финансиските извештаи ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба. Финансиските трансакции се во согласност со релевантната законска регулатива“, се наведува во извештаите.

Колку трошеле партиите во изборната 2024 година?

Според ревизорските податоци, вкупните расходи на партиите во изборната 2024 година изнесувале:

  • ВМРО-ДПМНЕ – 223.131.000 денари (околу 3,5 милиони евра)

  • СДСМ – 183.087.000 денари (околу 3 милиони евра)

  • ДУИ – 57.418.000 денари (околу 926.000 евра)

  • Левица – 45.459.000 денари (околу 733.000 евра)

  • Алтернатива – 19.723.000 денари (околу 318.000 евра)

Ревизорите посочуваат и дека треба да се преиспита одредбата од Изборниот законик со која е дозволено средствата што партиите ги добиваат од државниот Буџет за редовно работење да се користат и за изборна кампања, со оглед дека средствата за избори веќе се обезбедуваат од Буџетот преку Државната изборна комисија.

Најмногу забелешки за членарините

Иако финансиското работење е оценето како уредно, најголеми слабости се утврдени во делот на партиските членарини.

  • ВМРО-ДПМНЕ треба да го регулира начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членарината.

  • СДСМ во 2024 година воопшто нема остварено приходи по основ на членарини.

  • Кај ДУИ, 16 лица уплатиле членарина во износ повисок од законски дозволениот лимит – една просечна нето-плата.

  • Алтернатива исто така нема евидентирано приходи од членарина во изборната година.

  • Кај Левица е констатирано дека не секогаш постои целосна и соодветна евиденција за висината на членарината по член.

Ревизорите предупредуваат дека овие состојби не се целосно во согласност со Законот за финансирање на политичките партии.

Нерешени прашања со имот и документација

Во извештајот за ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека партијата сè уште нема доставено фактури за 271 уметничка слика во вредност од 19.065.000 денари (околу 307.000 евра), набавени врз основа на договор со странско лице. Иако договорот предвидувал доставување до 30 јуни 2017 година, сликите не се доставени од авторите.

Кај СДСМ, пак, ревизорите констатирале дека за дел од објектите што ги користи партијата не се обезбедени документи за сопственост. Поради тоа, тие не се запишани во Агенцијата за катастар на недвижности, не е проценета нивната вредност и не се евидентирани во деловните книги.

Ревизорските извештаи укажуваат дека, и покрај генерално уредното финансиско работење, остануваат системски слабости кои бараат дополнително уредување и законски усогласувања.

Loading