Реконструкцијата на Владата, која според најавите на премиерот треба да се случи најдоцна до јуни, сè поинтензивно се коментира во јавноста. Иако официјална одлука сè уште нема, веќе се споменуваат имиња на министри кои би можеле да бидат опфатени поради, како што се оценува, слаби перформанси во одредени ресори.

Меѓу најчесто споменуваните е министерот за правда, Игор Филков. Од коалицијата ВЛЕН посочуваат дека тој би можел да биде дел од реконструкцијата, обвинувајќи го дека со отворање на етнички теми се обидува да го прикрие незадоволителниот учинок во ресорот. Како пример го наведуваат прашањето за барањето на албанските студенти правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.
„До реконструкцијата има уште време, но министерот Филков може да биде вклучен, бидејќи со етнички теми се обидува да го покрие неуспехот во работата“, велат од ВЛЕН.
Запрашан за можната смена, Филков кусо одговори: „Да почекаме, ќе видиме“.

Поддршка за министерот изрази претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кој оцени дека изјавите од коалициските партнери се дел од дневнополитички препукувања и собирање политички поени. Тој нагласи дека Филков постапува согласно Законот за употреба на албанскиот јазик и Уставот, додавајќи дека засега нема официјална најава за реконструкција од мандатарот.
Во фокусот на најавената реконструкција се споменува и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани. Претседателот на неговата партија, Билал Касами, јавно посочи дека дел од членството е незадоволно од комуникацијата со министерот, што дополнително ги подгреа шпекулациите за можни кадровски промени.

Според политичките анализи, реконструкцијата не би се ограничила само на овие имиња. Не се исклучува можноста да дојде и до размена на ресори меѓу коалициските партнери, со цел стабилизирање на владината коалиција и подобрување на ефикасноста во одредени министерства.
Повеќе детали се очекуваат во наредниот период, кога премиерот би требало да ги соопшти конечните одлуки за составот на извршната власт.
![]()

